Балкан

Собранието ја разреши Катица Јанева

Собранието на Република Северна Македонија ја разреши специјалната јавна обвинителка Катица Јанева со 102 гласа „за“ без воздржани и против

Admir Fazlagic  | 14.09.2019 - Обновена : 16.09.2019
Собранието ја разреши Катица Јанева (Foto: Arhiva/ AA)

СКОПЈЕ (АА) - Собранието на Република Северна Македонија ја разреши специјалната јавна обвинителка Катица Јанева со 102 гласа „за“ без воздржани и против. За оваа одлука гласаа „за“ и 27 припадници од заедниците кои не се мнозинство, јавува Anadolu Agency (AA).

Според процедурата, сега претседателот на Собранието, Талат Џафери, треба да го достави предлогот до Советот на јавните обвинители кој треба да го констатира разрешувањето на специјалната јавна обвинителка.

Комисијата на Собранието на Република Северна Македонија за избори и именувања на 5 септември, со 13 гласа „за“ и ниту еден „против“ гласаше за разрешување на Катица Јанева од функцијата раководител на Специјалното јавно обвинителство, а потоа беше закажана денешната собраниска седница за нејзино разрешување.

Јанева е во притвор како третоосомничена за случајот „Рекет“.

Потсетуваме дека во случајот „Рекет“, за кој Јавното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција започна истрага на 15 јули оваа година, осомничена е и специјалната обвинителка Катица Јанева, која се сомничи за злоупотреба на службената должност и овластувања. Од 21 август таа е во 30-дневен притвор во затворот „Шутка“.

На денот кога започна истрагата за случајот „Рекет“, обвинителката Јанева поднесе оставка од својата функција.

На 15 септември 2015 година Собранието едногласно ја избра Јанева за специјален јавен обвинител кој ќе раководи со Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите (СЈО).

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın