Yusuf Şahbaz
16 Септември 2019•Ажурирај: 17 Септември 2019
СКОПЈЕ (АА) - ЈУСУФ ШАХБАЗ -
Започнаа меѓудржавните дописи за одлуката за соработка меѓу Република Северна Македонија и Турција во областа на земјоделството.
Трајан Димковски, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство на Северна Македонија, за Аnadolu Аgency (AA) изјави дека по посетата од турската делегација, и двете страни се подготвени за соработка.
Димковски рече дека односите меѓу двете земји се многу добри, додавајќи дека во Северна Македонија има многу инвеститори од Турција, што позитивно се рефлектира врз односите меѓу двете земји.
Министерот Димковски, нагласувајќи дека Северна Македонија увезува одредени производи од Турција, истакна дека има многу задоволителен развој на настаните, покрај постоечките добри односи, и дека на дневен ред е поставено формирањето комитет за зголемување на соработката меѓу двете министерства.
„Бизнис соработката засега оди добро, но многу е битно и за бизнис-секторот кога ќе дадеме одредена политичка порака, односно поддршка, дека може да се инвестира кај нас, дека може да користат и европски средства со инвестиции, и секако во наш интерес е зголеменото производство преку странски инвестиции“, потенцираше Димковски.
- Ќе биде обезбедено усогласување меѓу двете земји -
Заменик-министерот за земјоделство и шумарство на Република Турција, Мехмет Хади Тунч, истакна дека е реализирана интензивна дводневна посета на Република Северна Македонија.
Тунч, информирајќи дека последниот ден од посетата се сретнал со министерот Димковски, изјави „На средбата беше договорено формирање технички делегации, со цел обезбедување на усогласување меѓу двете земји. Решивме овие делегации редовно да се среќаваат. Во претстојните денови ќе се состанеме со голем број земји заради земјоделството, а технички состаноци ќе имаме и со Северна Македонија. Ќе обезбедиме усогласување меѓу нашите земји.“
Заменик-министерот Тунч рече дека во рамките на соработката, на Северна Македонија ќе ѝ биде дадена поддршка во однос на прашањата за земјоделските информативни системи, осигурувањето на земјоделството и неговата консолидација.
„Обемот на трговската размена ќе се зголеми. Тоа ќе се оствари на два начина. Како прво, тука има земјиште кое не се обработува. Обработувајќи го тоа земјиште, нашите земјоделци, производители, тука би имале земјоделски активности. Таа можност ќе ја овозможи Владата на Северна Македонија. Како второ, нашите инвеститори во Северна Македонија ќе изградат објекти за обработка, пакување и ќе обезбедат складишта, фрижидери ладилници. Станува збор за потребата на овие простори. Во моментов голем број производи што ги извезуваме, би можеле да се произведуваат и во Северна Македонија.“
- „Северна Македонија е земја на можности“ -
Тунч нагласи дека политичките односи меѓу двете земји се многу добри, но истакна дека економските односи не се толку развиени, додавајќи дека е можно нивно развивање.
„На крајот од средбите увидовме дека Северна Македонија е земја во која може да се инвестира, можно е да се произведуваат земјоделски производи, и станува збор за земја во која земјоделските производи се поевтини од Турција. Северна Македонија е една од вратите на Европа. Очекуваме во декември да стане членка на НАТО. Потоа започнуваат средби за целосно членство во ЕУ. Најверојатно и ќе стане членка на ЕУ. Затоа производството што ќе биде остварено тука, слободно ќе се движи во сите земји од ЕУ. Од тој аспект е земја на можности. Нашите бизнисмени ги увидоа тие можности.“