Abdula Berisha
13 Септември 2019•Ажурирај: 16 Септември 2019
СКОПЈЕ (АА) - Стопанската комора на Македонија и Центарот за неформално образование „Creative Hub“ организираат Балкански претприемачки самит во Скопје, јавува Anadolu Agency (AA).
На свечената церемонија на отворање на Самитот присуствуваше владина делегација предводена од премиерот на Северна Македонија, Зоран Заев, амбасадори, претставници на стопанските комори, како и претприемачи од многу земји во регионот и пошироко.
Премиерот Заев рече дека економијата е област во која најбрзо се забележуваат последиците од политичките одлуки, без разлика дали се позитивни или негативни.
„Сакам да знаете дека вашите бизнис-идеи од денес, ќе бидат всушност реализирани во земја членка на НАТО и земја која ќе ги има започнато преговорите за членство со Европската Унија. Ова е сосема нова атмосфера за сите нас, а особено за приватниот сектор“, рече Заев.
Сибил Сутер Техада, швајцарската амбасадорка во Северна Македонија, амбасада која го поддржува овој проект, рече дека Швајцарија осум години по ред е рангирана како најиновативна економија.
„Постојат многу фактори кои придонесуваат за иновации, но еден посебен, релевантен за денешниот настан, се висококвалификуваните вработени. Важно е да се напомене дека силното вклучување на приватниот сектор во образованието е од суштинско значење за производство на висококвалификувана работна сила“, рече Тејада.
Во меѓувреме, организаторите информираа дека на Самитот ќе присуствуваат над 30 предавачи од странските држави. Најавија дека ќе се организира и панел за инвестиции на кој ќе се дискутира за традиционалните и современите начини на финансирање.