СКОПЈЕ (АА) - Собранието на Република Македонија на денешната седница на која на дневниот ред беше изборот на Влада, во присуство на 111 пратеници, од кои 62 гласаа за, воздржани беа 5, додека 44 беа против, беше избрана новата Влада на Република Македонија која ќе ја предводи Зоран Заев, претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ), јавува Anadolu Agency (AA).
Премиерот Зоран Заев и министрите од неговиот кабинет дадоа свечена изјава по изборот на новата влада од пратениците во Собранието.
- Заев: Ќе градиме општество еднакво за сите
Новоизбраниот претседател на Владата на Македонија Зоран Заев, непосредно пред гласањето, даде отчет за програмата, а на почетокот се осврна на прашањето за името, најавувајќи дека решението ќе се носи во разговори со опозицијата и оти крајниот збор ќе го дадат граѓаните на референдум. Заев нагласи дека нивна цел е да најдат решение, а не да го блокираат процесот.

Тој рече дека тешко е да оди во опзиција оној кој има сериозни обвинувања за злоупотреби на власта. Заев во својот говор реплицирање на сите пратеници кои изразија критики од собраниската говорница во текот на расправата. Според него изборот на владата поминал во конструктивна атмосфера. Тој рече дека за него сите министри се еднакви.
„Ако некој се обиде да влијае врз судија или обвинител подобро е сам да си поднесе оставка", рече Заев.
Заев порача дека запонува ново време каде сплотеноста ќе биде императив. Меѓу другото тој потенцираше дека проктите од претходната влада кои се добри, како што се изградбата на железницата, ќе продолжат да ги реализираат. На крајот од излагањето тој побара подршка и од сите партии за реформите.
Заев вети дека новата влада ќе одржи лекција по економија во земјата. Тој истакна дека ќе гради држава врз основа на концепт на едно општество еднакво за сите.
Непосредно пред гласањето се обрати лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и поранешниот премиер Никола Груевски, кој рече дека со владата која ја предводеше тој се добија многу позитивни резултати, кои за многумина беа над очекувањата. Груевски рече дека Македонија немала власт со поголем учинок.
„Бевме предмет на операција на надворешни центри за промена на власт", рече Груевски. Според него, по последните парламентарни избори кои се одржаа на 11 декември минатата година, спротивно на деловникот, законот и уставот се избрал претседател на Собранието и се издејствувало ново мнозинство и нова влада. Груевски рече дека тоа се случило на сила и на недемократски начин.

Груевски додаде дека стратешки интереси на владата која ја предводел биле зачленувањето во Европската унија и во НАТО алијансата. Тој потсети дека граѓаните на Македонија 10 изборни циклуси давале најголема поддршка на ВМРО-ДПМНЕ, додека СДСМ во сите тие изборни циклуси трпел порази, вклучувајќи ги и последните парламентарни избори. Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ зборуваше и за остварените проекти во време на владата која ја предводеше ВМРО-ДПМНЕ.
Седницата за избор на влада се одвиваше со бројни реплики и контрареплики на пратениците кои се дел од парламентарното мнозинство предводено од СДСМ, како и на пратениците од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.
Откако беше изгласана новата Влада во Собранието на Република Македонија, десетици граѓани симпатизери на СДСМ се собраа пред зградата на Собранието и започнаа да го прославуваат изборот на новата влада.
- Кабинет на новата Влада на Република Македонија
Во новата Влада, министри ќе имаат СДСМ, ДУИ и Алијанса за Албанците, кои имаат мнозинство од 62 пратеника во 120-членото Собрание.

Радмила Шекеринска е министер за одбрана, Оливер Спасовски за внатрешни работи, Драган Тевдовски за финансии, Никола Димитров за надворешни работи, Рената Тренеска Десковска за образование и наука, Горан Сугаревски за транспорт и врски, Љупчо Николовски за земјоделство, Мила Царовска за труд и социјална политика, Дамјан Манчевски за информатичко општество и администрација, Роберт Алаѓозовски за култура. Кочо Анѓушев е министер без ресор и ќе биде вицепремиер за економски прашања. За министри без ресор избрани се Едмонд Адеми, Роберт Поповски, Аднан Ќахил, Самка Ибраимовски, Зоран Шапуриќ и Зорица Апостоловска.
Од ДУИ во владиниот кабинет министри ќе бидат Хазби Лика - вицепремиер за политички систем и односи меѓу заедниците, Бујар Османи - вицепремиер за евроинтеграции и Рамиз Мерко - министер без ресор. Садула Дураку е министер за животна средина и просторно планирање, Крешник Бектеши за министер за економија и Билен Саљији за министер за правда.
Министер за локална самоуправа е Сухејл Фазлиу, а министер за здравство е Арбен Таравари, и двајцата од Алијансата за Албанците.
Откако претседателот на СДСМ го доби мандатот за состав на новата Влада, ги започна средбите со политичките партии коишто го сочинуваат парламентарното мнозинство (ДУИ, Алијанса за Албанците и со Движењето БЕСА).
По одржаните средби, СДСМ и БЕСА соопштија дека не постигнале договор со кој БЕСА би била дел од новата Влада. Лидерот на БЕСА, Касами тогаш рече дека мандатарот Заев не бил подготвен да го потпише договорот, за како што вели, заедничко владеење, и да ги прифати нивните принципи.
Инаку, за утре се најавени примопредавања на министерствата од страна на досегашните министри во Владата на новоизбраните министри.