Admir Fazlagic
06 Февруари 2018•Ажурирај: 07 Февруари 2018
СКОПЈЕ (АА) - Собранието на Република Македонија во јуни оваа година, по седми пат, ќе биде домаќин на Рос-Рот семинарот на Парламентарното собрание (ПС) на НАТО, пренесува Anadolu Agency (AA).
За таа цел, претседателот на Собранието Талат Џафери, денеска имаше средба со политичкиот директор задолжен за Рос-Рот семинари, Хенрик Блидал, кој во рамките на подготовките за семинарот е во повеќедневна посета на Република Македонија, соопшти собраниската прес-служба.
За време на средбата, Џафери изразил задоволство што Собранието на Република Македонија ќе биде повторно домаќин на Рос-Рот семинар на ПС на НАТО, особено имајќи го предвид фактот што ќе се одржи во време кога Република Македонија засилено работи на планот на евроатланската интеграција, како и непосредно пред Самитот на НАТО во јули во Брисел.
„Што се однесува конкретно на самата организација на семинарот, претседателот на Собранието истакнал дека службата на Собранието ќе даде целосна стручна и оперативна поддршка и заедно со службата на ПС на НАТО ќе ги преземе сите неопходни подготовки за овој значаен меѓународен настан да се реализира на највисоко ниво", информираше прес-службата на Собранието на Македонија.
Меѓу другото, се наведува дека Блидал се заблагодарил за прифаќањето од страна на Собранието на Република Македонија да биде домаќин на овој семинар и истакнал дека зградата на законодавниот дом на Република Македонија ги задоволува сите стандарди за негово одржување.
ПС на НАТО одржува два или три Рос-Рот семинари годишно. За време на семинарите, членовите на парламентите од земјите членки на НАТО и земјите партнери се состануваат со владини претставници, претставници од НАТО и од други меѓународни организации, како и експерти од универзитети, тинк-тенкови и невладини организации, за да разговараат за едно конкретно безбедносно прашање од заеднички интерес.