Zylfije Adem Jakupi
24 Март 2022•Ажурирај: 28 Март 2022
ПРИШТИНА (АА) - Собранието на Косово со посебна седница денеска ја одбележа 23-годишнината од интервенцијата на НАТО во Косово. Седницата започна со едноминутно молчење во чест на поранешната американска државна секретарка Медлин Олбрајт, која почина вчера, јавува Агенција Анадолија (АА).
На пратениците во Собранието по пат на видеопорака им се обрати поранешниот главен командант на НАТО, генералот Весли Кларк, кој ја предводеше кампањата на бомбардирањето на НАТО врз српските сили во 1999 година. Тој рече дека му е животна чест што бил командант кој дал наредба да се бомбардираат српските воени цели во Косово и во Србија, за Албанците да се спасат од планираното етничко чистење.
Косовскиот премиер Албин Курти во својот говор пред пратениците им се заблагодари на сите кои интервенираа за да се запре Србија во извршувањето на злосторствата во Косово. Тој рече дека Србија во Косово извршила стотици масакри, кои со години не ги признава.
Курти истакна дека злосторствата кои ги извршиле српските сили на безбедност кон крајот на 1998 година и почетокот на 1999 година, ја вознемириле меѓународната заедница, што довело до воена интервенција. „Тогаш“, наведе тој, „19 земји постигнаа консензус за бомбардирање на тогашната Сојузна Република Југославија на Слободан Милошевиќ.“
„Воената интервенција на НАТО во Косово беше исправна и неопходна“, рече премиерот.
Курти соопшти дека во текот на пролетта 1999 година биле силувани 20.000 жени и околу 80 проценти од населението е истерано од своите огништа.
„Дваесет и три години по војната, нашиот северен сосед ниту се извинува, ниту ги признава своите злосторства во Косово. Наместо да отвори државни архиви, да ја расветли судбината на насилно исчезнатите лица и да ги разоткрие извршителите на злосторствата, српската власт го оправдува геноцидното дејствување на Милошевиќ и го обвинува НАТО за бомбардирањето. По инвазијата и агресијата на Русија врз Украина, заедно со Русија погрешно ја толкува и интервенцијата на НАТО во Косово, алудирајќи на сличност во обид да го оправда империјализмот и своите хегемонистички аспирации“, рече Курти.
Додаде дека одбранбената војна во Украина наидува на огромна поддршка од Западот, како што беше поддржана и борбата на косовскиот народ.
Шефот на пратеничката група на Демократската партија на Косово, Абелард Тахири, рече дека косовскиот народ бил убиван, прогонуван, протеран и масакриран за да дојде до интервенција на НАТО. Тахири рече дека народот во Косово предводен од Ослободителната војска на Косово, го охрабрил одговорот на НАТО во Косово.
Пратеникот и претседател на Демократскиот сојуз на Косово, Лумир Абдиџику, истакна дека на 24 март 1999 година се означува нов замав за Косово, за борба за слободата, за независна држава и за демократски систем.
„Етничкото чистење во Косово, убивањето деца, жени, мажи и стари лица, без разлика, системските силувања низ Косово, прогонот, палењето и насилното протерување, не можеа да добијат друг одговор освен таква интервенција. Значи, 24 март е усогласеност, не само со народот на Косово, туку и со вистинската страна на историјата на човештвото“, нагласи Абдиџику.
На бомбардирањето на НАТО му претходеа неуспешни преговори на Србите и Албанците во Рамбуе и Париз, со посредување на меѓународната заедница. Воздушните напади траеја околу 78 дена и по повеќе дипломатски акции, на 9 јуни 1999 година во Куманово е потпишан е Воено-технолошки договор, додека истиот ден Советот на безбедност на Обединетите нации ја усвои Резолуцијата 1244 со која е воспоставена администрација на ОН во Косово (UNMIK).