Admir Fazlagic
28 Јануари 2020•Ажурирај: 28 Јануари 2020
СКОПЈЕ (АА) - Во присуство на високи државни претставници од Северна Македонија, Србија и од Босна и Херцеговина (Бих), во Македонскиот народен театар (МНТ) во Скопје се одржа свечена академија посветена на Националниот ден на Србите во Република Северна Македонија - празникот „Свети Сава“, јавува Агенција Анадолија (АА).
На свечената академија, покрај премиерот на Северна Македонија, Оливер Спасовски и претставниците на српската заедница во земјата, присуствуваа и гости од Република Србија и Босна и Херцеговина, меѓу кои и генералниот секретар на претседателот на Република Србија, Никола Селаковиќ и членот на Претседателството на БиХ, Милорад Додик.
Селаковиќ во своето обраќање рече дека пренесува поздрави од претседателот на Република Србија од Александар Вучиќ и на Србите во Северна Македонија им го честиташе Националниот ден. Тој упати благодарност до Владата на Северна Македонија и премиерот Спасовски за покровителството за оваа свечаност, како и за госпопримството на Градот Скопје и Општина Центар.

Во рамките на свечената академија на членот на Претседателството на БиХ, Милорад Додик му беше врачено и највисокот признание на спрскиот народ во Северна Македонија - Светосавската повелба. Одлуката за доделување на ова признание едногласно ја донесе Организациониот одбор за одбележување на националниот празник на Србите во Северна Македонија, на предлог на српската заедница во земјата.
Додик во своето обраќање пред присутните се заблагодари за доделеното признание и му се заблагодари на премиерот Спасовски, за тоа што овозможиле српската заедница да го одбележува својот национален празник во Северна Македонија, а исто така се заблагодари и за покровителството. Додик истакна дека „Србите покажаа дека сакаат да живеат со другите во мир и да градат слобода."
„Тука вие кои живеете во Северна Македонија ова е ваша земја, во неа градите и имате слобода да го градите нашиот идентитет. Република Српска и Србија стојат зад она што е нашиот народ, ништо помалку, ниту ништо повеќе отколку што тоа е меѓународниот стандард и отколку што тоа е дозволено", истакна Додик и додаде:
„Затоа јас сум тука вечерва, со посебна благодарност да ви кажам дека му припаѓам на еден чесен народ и да кажам и дека нашата слобода ќе биде достапна секому, во Република Српска и во Србија, без оглед колку бил различен. Токму она што Свети Сава сакаше да ни го каже е дека мора да ги почитуваме другите за да бидеме луѓе. И тоа е она што треба да не собира, не смееме да се откажеме, не смееме да застанеме, треба заедно да се собираме и заедно со другите да ги уважуваме нивните празници и нивните светости."
Премиерот на Северна Македонија, Оливер Спасовски, упати честитки по повод националниот празник на Србите во Северна Македонија и истакна:
„Граѓанско општество, во кое ги афирмираме и воспоставуваме меѓусебната почит меѓу сите етнички заедници во нашата земја, со истовремено признавање на етничките, националните, верските и културните разлики - токму оваа цел е посебноста и суштината на нашето заедништво". Спасовски информираше дека во таа насока се и грижата и политиките што Владата на Северна Македонија ги креира и спроведува за заедницата на Србите во Северна Македонија, истакнувајќи дека српскиот јазик е службен јазик во општините Куманово и Старо Нагоричане.
„Уште еднаш најсрдечно упатувам честитки по повод националниот ден на Србите во Република Северна Македонија, и нека бидат вечни името и славата на Свети Сава, под чие духовно покровителство се одбележува денешниот ден. Меѓутоа, нека биде порака до сите во Република Северна Македонија, до сите заедници посебно до српската заедница, овие вредности да ги споделуваме на дело и преку заедништво и правдољубие да ја градиме заедно Република Северна Македонија“, истакна Спасовски.
Во рамките на програмата, Светосавска беседа одржа професор Дарко Танасковиќ, а по свечените говори се одржа и пригодна културно-ументичка програма во рамките на која меѓу останатите настапи и српскиот музичар Борислав Дуѓиќ.
Инаку, ова е тринаесетти пат во земјава да се одбележува Националниот ден на Србите.