Admir Fazlagic
27 Јануари 2020•Ажурирај: 27 Јануари 2020
СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Собранието на Северна Македонија изрази сочувство на семејствата на загинатите лица во земјотресот во Турција, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Почитувани претставници на институциите на Република Турција и почитувани граѓани на пријателска Република Турција, дозволете од мое лично име и од име на пратениците во Собранието на Република Северна Македонија да изразам искрено сочувство на семејствата на жртвите што ги предизвика земјотресот што го потресе Елазиг во источна Турција и да посакам брзо и успешно заздравување на повредените во оваа ужасна несреќа. Моите мисли, надежи и искрени желби за бројот на жртвите да биде што помал а поредените да бидат со што помали здравствени и душевни последици. Ние сме со вас, останете силни!", напиша Џафери на неговиот официјален профил на социјалната мрежа Фејсбук.
Сочувство до семејствата на загинатите во земјотресот во Турција упатија и претседателот на Северна Македонија, Стево Пендаровски, премиерот Оливер Спасовски, министерот за надворешни работи Никола Димитров.
Билансот на загинати во силниот земјотрес во Турција се искачи на 41, соопшти Дирекцијата за управување со вонредни ситуации на Турција (АФАД).
Според АФАД, од вкупно 1.607 повредени лица, 1.516 се пуштени на домашно лекување, додека 45 лица се спасени од под урнатините на куќите и зградите.
Земјотрес со јачина од 6,8 степени според Рихтер ја погоди источната турска област Елазиг во петокот, на 24 јануари.