Балкан, Коронавирус

Северна Македонија: Вкупната бројка на смртните случаи од Ковид-19 се искачи на 32

Во изминатите 24 часа регистрирани 48 нови случаи, позитивни на вирусот, со што вкупната бројка на дијагностицирани пациенти со Ковид-19 се искачи на 711

Abdulbesar Ademi  | 10.04.2020 - Обновена : 11.04.2020
Северна Македонија: Вкупната бројка на смртните случаи од Ковид-19 се искачи на 32

СКОПЈЕ

Министерството за здравство на Северна Македонија соопшти дека се потврдени два нови смртни случаи од Ковид-19, со што вкупната бројка на починати се искачи на 32. Во изминатите 24 часа регистрирани 48 нови случаи, позитивни на вирусот, со што вкупната бројка на дијагностицирани пациенти со Ковид-19 се искачи на 711, пренесува Anadolu Agency (AA).

„Согласно извештајот на Институтот за јавно здравје, во денешната статистика ќе бидат евидентирани 2 претходно починати лица. Едно лице од Лабуништа – Струга (63г) за кое Министерството информираше на 5 април. Пациентот беше донесен во тешка состојба на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби во Скопје, а неговиот тест е изработен постмортем. Во денешната статистика на Институтот за јавно здравје ќе биде евидентиран и починатиот притвореник од Истражниот затвор во Шутка, за кој Министерството информираше во текот на вчерачниот ден", се вели во сооштението на Министерството за здравство на Северна Македонија.

Во изминатите 24 часа направени се рекордни 496 тестирања на Ковид -19. Досега во земјата се направени 7.067  тестирања на Ковид-19.

Министерството за здравство информира дека денеска од Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби со два негативни теста на Ковид-19 се испишани 3 оздравени пациенти, двајца од Тетово и еден од Куманово. Два пати негативен и оздравен е пациент од Скопје кој се лекуваше во домашни услови. Со ова, вкупната бројка на излекувани пациенти од Ковид-19 изнесува 41.

Потсетуваме дека од средата, во Северна Македонија стапија во сила нови мерки за ограничување на движењето на граѓаните, со кои се ограничува слободното движење во текот на работните денови од 16:00 до 05:00 часот и за време на викендите со почеток од петок во 16:00 часот до понеделник до 05:00 часот.

Претседателот на Северна Македонија, Стево Пендаровски, на 18 март прогласи вонредна состојба на територијата на целата држава, со цел полесно справување во борбата против ширењето на коронавирусот Ковид-19.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.