Балкан

Словенечкото Министерство за култура ја поддржува одлуката на РТВ да се повлече од Евровизија поради Израел

„Ние сме јавен сервис и мора да се придржуваме до високи етички вредности“

Lejla Biogradlija  | 15.12.2025 - Обновена : 15.12.2025
Словенечкото Министерство за култура ја поддржува одлуката на РТВ да се повлече од Евровизија поради Израел

АНКАРА (АА) – Министерството за култура на Словенија денес ја поддржа одлуката на националниот јавен радиодифузер РТВ Словенија да се повлече од претстојниот Избор за песна на Евровизија, поради учеството на Израел, јавува Анадолу.

Претходно овој месец, РТВ Словенија соопшти дека нема да учествува на натпреварот, откако Европската радиодифузна унија (ЕБУ) донесе одлука Израел да остане дел од Евровизија. Од РТВ наведоа дека одлуката е донесена независно.

Министерството за култура соопшти дека целосно ја поддржува одлуката на јавниот сервис и повика на засилен дипломатски притисок врз Израел, со барање веднаш да престанат злоупотребите врз Палестинците во Појасот Газа и на Западниот Брег.

- РТВ: Не можеме да ја делиме сцената со држава што уби над 20.000 деца -

Претседателката на Управниот одбор на РТВ Словенија, Наталија Горшчак, претходно за Анадолу изјави дека радиодифузерот не може да ја дели сцената со Израел, за кој таа рече дека убил „повеќе од 20.000 деца и над 250 новинари“.

Таа нагласи дека е невозможно да се зборува за музиката како обединувачка сила, додека се настапува заедно со претставници на режим кој, како што рече, не покажува почит кон човековите права.

„Ние сме јавен сервис и мора да се придржуваме до високи етички вредности“, истакна Горшчак.

Според неа, јавните радиодифузери имаат обврска да постапуваат етички и да ги применуваат правилата подеднакво кон сите.

„Одлуката ја донесовме од почит кон луѓето во Газа. Историјата ќе покаже дека сме застанале на вистинската страна, во тоа веруваме“, додаде таа.

Јавните радиодифузери од Шпанија, Холандија, Ирска и Исланд, исто така, најавија планови за повлекување од натпреварот, откако ЕБУ гласаше за дозволување на учеството на Израел.

Учеството на Израел на Евровизија подолго време е предмет на контроверзии. По минатогодишниот натпревар во Базел, Швајцарија, каде што Израел беше блиску до победа, повиците за негово исклучување се засилија поради растечкиот број цивилни жртви во Газа.

Од октомври 2023 година, во израелските напади врз Газа убиени се повеќе од 70.000 Палестинци, главно жени и деца, а речиси 171.000 се повредени. Повеќе експерти, вклучително и назначени од тело на Обединетите нации, изјавија дека дејствијата на Израел во Газа претставуваат геноцид.

Русија беше исфрлена од Евровизија во 2022 година поради нејзините дејствија во Украина, но ЕБУ ја брани одлуката за учеството на Израел, повикувајќи се на својата посветеност на инклузивност и политичка неутралност.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.