Турската полиција во Албанија одржува обука за „Борба против перење пари и финансирање на тероризам“
Во обуката на турската полиција наменета за албанската полиција за „Борба против перење пари и финансирање на тероризам“ учествуваат 20 албански полициски службеници
ТИРАНА (AA) – Обуката на турската полиција наменета за албанската полиција на тема „Борба против перење пари и финансирање на тероризам“ започна во Тирана, јавува Анадолу.
Свеченото отворање на обуката, која се реализира со поддршка на Претседателството за борба против шверц и организиран криминал на Република Турција, се одржа на Факултетот за безбедност и истраги при Полициската академија на Албанија.
Ректорот на Полициската академија на Албанија, Илирјан Мандро, во своето обраќање истакна дека оваа програма за обука е исклучително значајна.
Нагласувајќи дека во рамките на обуката ќе бидат споделени и теоретски знаења и практични искуства, Мандро изјави: „Како и секогаш, ја имаме поддршката од експертите на турската полиција, кои имаат долгогодишно искуство во оваа област, особено во борбата против перење пари и тероризам.“
Советникот за внатрешни работи при Амбасадата на Република Турција во Тирана, Омер Услусој, изјави дека обуката се реализира во рамките на континуираната соработка меѓу Турција и Албанија.
„Во глобализираниот свет, перењето пари и финансирањето на тероризмот имаат исклучително важно место. Во тој контекст сакаме со вас да ги споделиме искуствата и знаењата што ги имаме во нашата земја“, рече тој.
Обуката, на која учествуваат 20 албански полициски службеници, ќе трае до 19 декември.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
