Furkan Abdula
06 Октомври 2020•Ажурирај: 07 Октомври 2020
СКОПЈЕ
Претседателот на Владата на Северна Македонија, Зоран Заев, соопшти дека Владата донесе одлука да овозможи непречно патување од и во земјите од регионот без приложување на негативен ПЦР тест, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Заев информацијата ја потврди преку соопштение објавено на својот официјален профил на социјалните мрежи.
„Врз основа на координацијата со министерствата за здравство од регионот, денеска, на седница на Владата на Република Северна Македонија, донесовме одлука да овозможиме непречен влез на странските државјани од Република Србија, Република Косово, Република Црна Гора и Република Босна и Херцеговина, без приложување медицинска потврда со негативен RT PCR SARS CoV-2 тест“, напиша Заев.
„Во овие земји, за кои нивните граѓани досега имаа обврска при влез/транзит во нашата земја да приложат негативен RT PCR SARS CoV-2 тест, по принципот на реципроцитет е договорено и нашите граѓани да патуваат во овие земји, без обврска да приложат негативен тест“, рече премиерот на Северна Македонија.
Според него, оваа одлука е донесена по доставен предлог и позитивно мислење на Комисијата за заразни болести според кое до овој момент нема индикации или висок број на влезени позитивни случаи од странски држави, а со тоа и нема висок ризик по јавното здравје.
„Одлуката е донесена заради остварувањето на неопходните потреби на граѓаните, при што Владата апелира патувањето да се сведе на минимум и исклучиво за неодложни потреби и со целосно и доследно применување на сите мерки за лична заштита од КОВИД-19. Одлуката стапува на сила од понеделник, 12 октомври 2020 година“, додаде Заев.
По затворањето на границите предизвикани од почетокот на пандемијата на Ковид-19, Северна Македонија на 17 јуни ги отвори гранични премини во земјата, но со спроведување на мерки за спречување на ширење на вирусот, вклучително и негативен тест на Ковид-19 (ПЦР тест), не постар од 72 часа и потпишување на задолжителна изјава за самоизолација во траење од 14 дена.
Подоцна, на 26 јули, Северна Македонија донесе одлука за отворање на границите за Албанија без Ковид-19 тест и без обврска за карантин, но не и за Косово.