Husamedin Gina
06 Октомври 2020•Ажурирај: 07 Октомври 2020
СКОПЈЕ
Националниот сојуз на лица со телесен инвалидитет на Македонија – Мобилност Македонија, денеска го одбележа Светскиот ден на лицата со церебрална парализа, јавува Агенција Анадолија (АА).
По повод 6 Октомври - Светскиот ден на лицата со церебрална парализа, Националниот сојуз на лица со телесен инвалидитет одржа настан со цел подигање на јавната свест за проблемите со кои се соочуваат овие лица.
На настанот свое обраќање имаше и заменик-министерот за труд и социјална политика, Енвер Хусејин, кој упати порака до целата јавност дека ќе вложат уште повеќе напори за лицата со церебрална парализа да ги остварат правата и можностите што ги имаат сите останати граѓани во општеството.
„Јавната свест за потребата и проблемите со кои се соочуваат лицата со церебрална парализа ќе бидат секогаш показател за нашата зрелост и свесност во процесот на создавање функционално општество коешто ќе обезбедува можности за интегриран живот на лицата со церебрална парализа“, нагласи заменик-министерот Хусејин.
Бранимир Јовановски, претседателот на Националниот сојуз на лица со телесен инвалидитет – Мобилност Македонија, истакна дека церебралната парализа претставува непожелен феномен и дека овој ден нè потсетува на над 17 милиони луѓе во светот кои се погодени од оваа состојба.
„Денеска сме тука собрани на овој настан да го одбележиме денот и да се обидеме да го подигнеме нивото на јавната свест кај граѓаните и кај институциите на државата за потребите и положбата на овие лица“, рече претседателот Јовановски, додавајќи дека денес се облечени во зелено, бојата што го карактеризира Светскиот ден на лицата со церебрална парализа.
Во однос на проблемите со кои се соочуваат лицата со церебрална парализа во земјата, претседателот на „Мобилност Македонија“, Бранимир Јовановски, рече:
„Проблемите се повеќекратни. Не можеме да кажеме дека постои само еден проблем кој треба да се разреши, значи терапија, примање на соодветни лекарства, бањски третмани од областа на здравствените услуги, пристапноста, движење, ортопедските помагала.“
Тој, исто така, нагласи дека немаат софтвер и статистика што ќе каже колку лица со церебрална парализа има во земјата. Според податоците од здруженијата и организациите што се занимаваат со оваа проблематика, застапеноста на целебралната парализа во земјава е тројца заболени на илјада жители.
Од Националниот сојуз на лица со телесен инвалидитет потсетија дека раното откривање и интервенцијата се клучот за подобрување на резултатите и состојбата на лицата со церебрална парализа.