Балкан

Северна Македонија: Потврдени нови 52 случаи на Ковид-19

„Сакам јасно да порачам дека повторно ќе воведеме рестрикции, таргетирани, локализирани на некои места, согласно бројот на новодијагностицирани или поинакви ако епидемиолошката состојба тоа го наложи“, порача министерот Филипче

Abdulbesar Ademi  | 29.05.2020 - Обновена : 30.05.2020
Северна Македонија: Потврдени нови 52 случаи на Ковид-19

СКОПЈЕ 

Во Северна Македонија, во последните 24 часа се потврдени 52 нови случаи на коронавирусот (Ковид-19), со што вкупната бројка на потврдени случаи со овој вирус во земјата изнесува 2.129, пренесува Агенција Анадолија (AA).

На денешната прес-конференција министерот за здравство на Северна Македонија, Венко Филипче, соопшти дека во последните 24 часа направени се 661 тестирање, а регистрирани се 52 нови случаи на Ковид-19.

Министерот Филипче информира дека се регистрирани 4 смртни случаи предизвикани од Ковид-19, со што вкупната бројка на починати лица од овој вирус во земјата се искачи на 126. Денеска Институтот за јавно здравје регистрира 30 оздравени пациенти, а вкупната бројка на оздравени пациенти е 1.516.

Во моментов бројот на активни случаи на овој вирус во земјата изнесува 487. Досега во земјата се направени вкупно 27.684 тестирања на Ковид-19.

Северна Македонија штотуку започна со олабавување на мерките за спречување на ширењето на коронавирусот, а во вторникот целосно е укинат полицискиот час, додека од вчера се отворени и угостителските објекти, кои работат со посебен протокол.

Министерот Филипче на прес-конференцијата рече дека во одредени градови не се почитуваат доволно мерките против ширењето на коронавирусот, при што во тој контекст ги посочи градовите Тетово и Штип. Тој рече дека зголемувањето на бројот на заболени од овој вирус се должи на непочитување на мерките.

Исто така, министерот Филипче апелира до граѓаните да ги почитуваат мерките преземени од Владата, барајќи од Министерството за внатрешни работи поголема ажурност и контрола во однос на лицата кои не ги почитуваат мерките против ширњето на Ковид-19.

„Сакам јасно да порачам дека повторно ќе воведеме рестрикции, таргетирани, локализирани на некои места, согласно бројот на новодијагностицирани или поинакви ако епидемиолошката состојба тоа го наложи. Утрово на состанокот на Комисијата за заразни болести тоа го дискутиравме. Ќе ги анализираме податоците и бројките и следните денови, во текот на викендот, и врз основа на тоа ќе ги носиме одлуките“, рече Филипче.

Тој додаде дека во моментот, поради, како што рече, стабилната состојба на здравствените капацитети, локализираните и познати кластери, сѐ уше нема потреба за тоа, но повтори дека будно ја следат состојбата и дека доколку треба, повторно ќе воведат рестриктивни мерки.

„Сакам да потсетам дека ги олабавивме рестриктивните мерки, се укина полицискиот час со јасна порака за задолжително почитување на превентивните мерки за лична заштита. Тоа го прават сите земји, тоа е единствениот начин за излез од оваа криза. Не можеме да живееме вечно со затворени граници и со рестрикција на движењето, и одговорноста за враќање во нормала сега е на секој граѓанин на нашата земја. Жал ми е што има луѓе што ова не го разбираат. Бидејќи ниту ние во Министерството, ниту епидемиолозите, ниту која било државна институција не може сама да се справи со овој проблем, огромна одговорност има на граѓаните“, порача Филипче.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın