Admir Fazlagic
25 Февруари 2021•Ажурирај: 25 Февруари 2021
СКОПЈЕ
Надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство на Република Северна Македонија за гонењена организиран криминал и корупција, денеска до Основниот кривичен суд – Скопје достави Обвинителен акт против три лица од Куманово за сторено кривично дело „Терористичка организација" и „тероризам", пренесува Агенција Анадолија (АА).
„На обвинетиот Б.А (28), му се става на товар дека сторил кривично дело – Терористичка организација и кривично дело – Тероризам од Кривичниот законик, додека обвинетите В.А. (22) и Е.Љ. (26) со дејствијата опишани во обвинението сториле кривично дело Терористичка организација и кривично дело – Тероризам од Кривичниот законик", се наведува во соопштението на Обвинителството.
Како што се наведува во соопштението „во почетокот на 2019 година, обвинетиот Б.А., создал злосторничка организација – терористичка организација „ќелија“, со основи на идеолошка матрица на познатата терористичка организација ИСИС (ДЕАШ). Прифаќајќи го криминалниот план на злосторничката организација – терористичка група „ќелија“ припадници станале обвинетите В.А.и Е.Љ., како и осумтемина осомничени за кои се спроведува истражна постапка од 28.12.2020 година."
Во терористичката група „ќелија“ постоела координација и заедничко делување, со намера загрозување на животот и телото и создавање чувство на несигурност и страв кај граѓаните. Секој член имал конкретни задачи.
Обвинетите, дејствувајќи по однапред направениот план, со намера да извршат едно или повеќе дела на убиство, телесно повредување, уништување на јавни објекти, објекти на инфраструктура и објекти во општа употреба на територија на Република Северна Македонија, од почетокот на 2019 година, се подготвувале, купиле, пренесувале и држеле експлозив, огнено оружје, муниција, гранати, бомби и воената опрема.
„Обвинителството со Обвинителниот акт достави и Посебен предлог за продолжување на мерката притвор определена од судијата на претходна постапка", се додава во соопштението.