İhvan Radoykov
23 Декември 2016•Ажурирај: 24 Декември 2016
СОФИЈА (АА) - Министерката за внатрешни работи на Бугарија, Румјана Бачварова информираше дека благодарение на соработката на Бугарија со САД на полето на борба против тероризмот, ќе бидат засилени безбедносните мерки на границите во земјата, јавува Anadolu Agency (AA).
Министерката Бачварова даде изјава за претставниците на медиумите: „Благодарение на САД, на нашите граници ќе имаме суперсистем за набљудување и идентификација“.
Министерката Бачварова не даде технички детали околу капацитетот на системот, кој треба да започне да функционира во наредните неколку дена, но истакна дека системот има капацитет веднаш да одреди дали лицето што ја преминува границата претставува закана или не.
„Благодарение на договорот што го имаме со САД, лицата што ја минуваат границата на Бугарија, во голема мера ќе бидат идентификувани доколку претставуваат закана. За нас претставува успех воведувањето на овој систем, кој наскоро треба да почне да функционира. Во ниту една европска земја нема ваков систем. Се зголемува нашето ниво на безбедност“, рече Бачварова.
Румјана Бачварова соопшти дека благодарение на овој систем, бугарските безбедносни органи ќе можат да ја искористат американската база на податоци.
Бугарија и САД во 2012 година потпишаа меморандум за разбирање во борбата против организираниот криминал, а пак во септември беше потпишан дополнителен договор со кој се овозможува размена на различни податоци меѓу двете земји, како што се ДНК и отпечатоци од прсти.
Министерството за внатрешни работи на Бугарија имаше соопштено дека конкретниот систем ќе се користи за идентификација на лицата кои би претставувале закана за националната безбедност на земјата.