Abdula Berisha
04 Октомври 2021•Ажурирај: 05 Октомври 2021
СКОПЈЕ
Министерството за надворешни работи (МНР) на Северна Македонија потврди дека еден нејзин дипломат е прогласен за „непожелна личност“ од страна на Руската Федерација, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Преку соопштение, од македонското МНР информираат дека денес, вршителот на дејностите во Амбасадата на Република Северна Македонија во Москва, Оливера Чаушевска-Димовска, била повикана во Министерството за надворешни работи на Руската Федерација, каде ѝ била врачена нота за прогласување непожелна личност на дипломатот кој ја извршуваше функцијата на втор секретар.
Понатаму, во соопштението на македонското МНР се истакнува дека одлуката на руското МНР за протерување на дипломатот кој неодамна беше делегиран во Руската Федерација претставува возвратна политичка одлука без никаков мериторен основ.
„За претходното протерување на рускиот дипломат од Северна Македонија беа доставени евидентирани докази за неговото дејствување во спротивност на Виенската конвенција за дипломатски односи. Оттука, денешниот потег на руската страна е во целост неоснован и негативно ќе се одрази на обидите за унапредување на односите меѓу двете земји“, стои во соопштението.
Од македонското МНР велат дека во Амбасадата во Москва останува вршителот на должноста да ги извршува своите обврски, а наскоро ќе биде упатен и новиот амбасадор акредитиран за Руската Федерација кој ги помина сите чекори за упатување.
Одлуката за протерување на македонскиот дипломат во Москва претходно ја објави и руското МНР, кое во соопштението истакна дека „мерката е одговор на сосема неоснованата одлука за прогласувањето дипломат од Амбасадата на Русија во Скопје за ‘непожелна личност‘, донесена од страна на Северна Македонија во август оваа година“.
Потсетуваме, министерот за надворешни работи на Северна Македонија, Бујар Османи, на 17 август потврди дека Северна Македонија протерала руски дипломат од земјата.
„Министерството за надворешни работи секогаш кога ќе добие потврдени и документирани информации за однесување на акредитирани странски дипломати коешто е спротивно на принципите на Виенската конвенција, презема мерки за заштита на својата национална безбедност, меѓутоа и безбедноста на сојузниците во сојузот во којшто припаѓаме. Така што информацијата е точна“, изјави тогаш Османи.
Тоа беше втор случај годинава руски дипломат да биде протеран од Северна Македонија.
На 18 мај оваа година, Северна Македонија прогласи руски дипломат за непожелна личност во земјата, согласно член 9 од Виенската конвенција за дипломатски односи.
Тогаш, Русија возврати и на 10 јуни оваа година соопшти дека дипломат вработен во Амбасадата на Северна Македонија во Москва е прогласен за непожелна личност.