Furkan Abdula
04 Октомври 2021•Ажурирај: 05 Октомври 2021
СКОПЈЕ
Заменик-претседателот на Владата на Северна Македонија задолжен за европски прашања, Никола Димитров, денеска на Економскиот форум во Белград имаше воведно обраќање на панелот „ЕУ - Западен Балкан: Што може да очекуваме од состанокот на ЕУ во Словенија?“, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според соопштението на Секретаријатот за европски прашања при Владата на Северна Македонија, главниот фокус на дискусијата бил ставен на европската перспектива на регионот во пресрет на Самитот ЕУ - Западен Балкан што се одржува оваа среда во Брдо, Словенија.
Вицепремиерот Димитров посочи дека состанокот се случува во период кога кредибилноста на европското ветување за иднината на Западен Балкан е доведена во прашање, поради што е потребно да се испрати јасен политички сигнал и двете страни да преземат одговорност за остварување напредок.

„Нашиот проблем е што дури и најдобрата можна формулација на зборови во декларацијата од Самитот навистина нема да биде доволна за да ја вратиме надежта и довербата во европското ветување за иднината, особено на младите - ако нема конкретен и опиплив успех што е можно побрзо. Очекувам пораката од Брдо да ги надмине декларативните заложби од Софија и Загреб со коишто се реафирмираше европската перспектива“, рече Димитров.
Тој нагласи дека иако на Самитот нема да се носат политички одлуки, потребно е да се зајакне посветеноста на двете страни за да се унапреди соработката во областите од заемен интерес што се теми на агендата на Самитот, вклучително и економската поддршка од ЕУ за регионот и градењето регионален внатрешен пазар, состојбата со Ковид-19 и процесот на вакцинација, зелената агенда, како и напорите за намалување на трошоците за роаминг меѓу регионот и ЕУ.

„Самитот треба да биде можност за да се зајакне стратешката комуникација меѓу ЕУ и Западниот Балкан, бидејќи Унијата е навистина нашиот најблизок пријател и најголем донатор. Обединет Балкан е возможен само во обединета Европа, а без Балканот ЕУ не е комплетна. Европското обединување е можно само врз основа на европскиот наратив и процесот на пристапување е основната рамка, но не може да биде функционална ако не обезбедува резултати, ако не испорачува, ако не се заснова на доверба и кредибилитет“, додаде Димитров.
На панелот учествуваа и претставници на ЕУ и земјите членки – амбасадорот на ЕУ во Србија, Емануел Жофре, амбасадорот на Словенија, Дамјан Бергант, известителот за Србија во Европскиот парламент, Владимир Билчик, како и претставник на граѓанското општество – претседателката на Европското движење во Србија, Јелена Миниќ, додека пак модераторка беше Симонида Кацарска од Институтот за европски прашања – Скопје.