Senada Ibraimova
24 Февруари 2017•Ажурирај: 25 Февруари 2017
СКОПЈЕ (АА) – Новоформираното македонско патриотско здружение „Тврдокорни“ денес организираше мирен протест низ улиците на Скопје под мотото „Македонски марш – завет за Македонија“, кадешто го изразија своето незадоволство, како што велат, од прифаќањето на македонските политички партии на платформата на албанските партии во Македонија, јавува Anadolu Agency (AA).
Протестот започна со читање на молитва пред Соборен Храм, од каде претставниците од здружението заедно со околу стотици граѓани кои маршираа се упатија кон паркот „Жена Борец“. Тие пред Споменикот на бранителите во паркот положија свежо цвеќе, а свое обраќање имаше портпаролот на здружението, Горан Угриновски, кој ги прочита ставовите на здружението „Тврдокорни“.
Угриновски меѓу другото изјави дека, нив како здружение не ги интересира кој ќе формира Влада, но оти бараат македонските полтичари да одговорат на прашањето, „зошто молчеле по објавувањето на платформата“ и „што е договорено во Мала Речица“. За ова, рече тој, од понеделник со јавен писмен допис ќе се обратат до евентуалните владнини коалициски партнери.
„За нас таканаречената платформа е ништожна и е документ кој не е во насока на подобрување на нечии права, туку исклучиво во насока за создавање на нов карактер во разнебитување и уништување на македонското тело“, истакна Угриновски.
Тој пренесе дека како здружение се формирани пред еден месец и како што најави, ќе продолжат со организирање на мирни притисоци во вид на протест се додека не се решат нивните барања.
Организаторите на протестот беа облечени во црна облека, носеа македонски знамиња и транспаренти со нивното лого, а за време на маршот извикуваа „Нејќам еден, нејќам два, еден јазик сакам ја“, „Македонија“, „Македонија на македонците, била секогаш и ќе остане“.
Тие исто така ја пееја македонската химна, како и македонски песни со националистички пораки.