Admir Fazlagic
02 Март 2017•Ажурирај: 02 Март 2017
СКОПЈЕ (АА) - Вечерва во Скопје илјадници граѓани организирани од граѓанското здружение „За заедничка Македонија“ продолжија да протестираат, како што велат, „против прифаќањето на платформата на албанските партии од лидерот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ ), Зоран Заев“, јавува Anadolu Agency (AA).
Како и во претходните денови, и вечерва протестниот марш започна од пред Владата на Република Македонија и продолжи кон Собранието на Република Македонија. Присутните граѓани на протестот бараат од Социјал-демократскиот сојуз на Република Македонија да не ја прифати платформата на албанските политички партии во Македонија која според нив го загрозува суверенитетот и независноста на државата.
Организаторите на протестот порачаа дека ги поздравуваат барањата на ЕУ и НАТО и целата меѓународна заедница за владеење на правото во Македонија без натамошно одлагање и затоа, како што велат, бараат владеење на правото од сите и кон сите.
Истакнаа дека имаат неколку барања. Првото барање на граѓаните кои протестираат е ЕУ без одлагање да ја прифати одлуката на Бадентерова комисија од 1992 година која утврди дека признавањето на државата под името Република Македонија не претставува никаква територијална закана и е во согласност со меѓународното право и европските вредности.
Второто барање е ЕУ без одлагање да ја почитува препораката од 2009 година на Европската комисија за отпочнување на преговорите за члество на Македонија во ЕУ.
Трето, граѓаните бараат од земјите членки и генералниот секретар на НАТО без понатамошно одлагање да ја применат едногласната пресуда на Меѓународниот суд на правдата и согласно истата да упатат покана за членство на државата во НАТО со што, како што рекоа, ќе дадат придонес за стабилноста во регионот и сопствен пример за владеење на правото.
Исто така, граѓаните кои протестираат го истакнаа и барањето кое го имаат до земјите членки на ЕУ, а тоа е „да го осудат мешањето на премиер од соседството во внатрешните работи на Република Македонија, што е спротивно на еворпските политички норми и правото на сувереност на државите."
Протестот заврши мирно, а во меѓувреме организаторите најавија дека ќе продолжат да протестираат и во следните денови додека не бидат исполнети нивните барања, вклучувајќи го и барањето за одбивање на законот за двојазичност на целата територија на Македонија што според нив ќе ја однесе Македонија кон редефинирање.