Zylfije Adem Jakupi
21 Јули 2022•Ажурирај: 22 Јули 2022
ПРИШТИНА (АА) - Второто издание на Меѓународниот оперски фестивал „Раме Лахај“ (Rame Lahaj International Opera Festival), на чие чело е косовскиот тенор од светско реноме, Раме Лахај, почнува денеска во Приштина, јавува Агенција Анадолија (АА).
Целта на фестивалот, единствен од овој вид во регионот, е изградба на мостови помеѓу косовската и меѓународната оперска сцена и создавање опкружување за развој на младите уметници.
Директорот на фестивалот, Раме Лахај, на прес-конференцијата рече дека ваков престижен фестивал не би можел да се одржи без поддршка на институциите, но и приватните партнери.
Тој истакна дека сиве овие години фестивалот се одржува под патронат на Општина Приштина, со поддршка на Министерството за култура и Операта на Косово, во соработка со Операта на Албанија.
Лахај истакна дека ја вложил својата енергија во овој фестивал, со надеж дека ќе стане традиционален.
„Сакав да бидам претходник и да им помогнам на младите таленти, кои како и јас некогаш, немаат можност за движење и аудиции или работа со мајстор на вокал, а за што јас имав поддршка од пријателите и семејството“, нагласи Лахај.
Министерот за култура, млади и спорт на Косово, Хајрулах Цеку, рече дека го цени гестот на тенорот Лахај, кој како уметник на светската оперска сцена, се враќа во Косово и придонесува преку фестивал во својата земја.
„Оваа активност ја вреднуваме како директен придонес на Косовската опера, бидејќи со неа се обликуваат и развиваат солисти и идни членови на Косовската опера, што ние како Министерство го формализиравме со закон и работиме на формирање на управувачките структури и неопходните физички инфраструктури, кадровско-финансиски ресурси кои се потребни на една така сложена институција како што е операта“, нагласи Цеку.
На конференцијата за медиуми присуствуваа и Перпарим Рама, градоначалникот на Приштина и Жан Бернард Томас, познат мајстор вокал од Франција кој потоа ја одржа и првата мајсторска класа во рамките на фестивалот.
Во рамките на второто издание на „Раме Лахај меѓународен оперски фестивал“ предвиден е поширок спектар на концертни вечери и програми, кои вклучуваат „Вечер на ансамбли“- концерт посветен на збирката албански репертоар „Ноќ на операта“, со избор на најистакнати арии од оперскиот репертоар, „Наџмије Пагаруша“ - концерт посветен на една од најистакнатите косовски уметници и „Нова генерација“ - концерт кој ќе го изведат учениците од мастер-класата.
Фестифалот се затвора на 31 јули со гала-концертот „Рама Лахај и пријателите“ на Централниот градски плоштад „Скендербег“, на кој со тенорот Лахај, помеѓу останатите, ќе учествува и сопранот Ана Бондаренко, баритонот Франко Васало, диригентот Валерио Гали, а специјална гостинка е сопранот Ангела Георгиу.
Концертот „Раме Лахај и пријателите“ одржан е првпат во Приштина во 2019 година, па следуваше основање на првиот косовски оперски фестивал „Раме Лахај меѓународен оперски фестивал“ во 2021 година.