Vesna Besic
21 Јули 2022•Ажурирај: 22 Јули 2022
САРАЕВО (АА) ‒ За наградите „Срцето на Сараево“ во натпреварувачките програми на 28. Сараевски филмски фестивал (СФФ) ќе се натпреваруваат 51 филм, јавува Агенција Анадолија (АА).
Во четирите натпреварувачки селекции ‒ игран, документарен, краток и студентски филм, 20 филма ќе остварат светска, 8 меѓународна, 1 европска, 21 регионална и 1 босанско-херцеговска премиера.
Оваа година избраниот тим под водство на Изета Градевиќ, креативната директорка на Сараевскиот филмски фестивал, изгледа 751 филм: 160 долгометражни играни, 211 документарни, 240 кратки и 140 студентски филмови.
Елма Татарагиќ, селекторката на натпреварувачката програма ‒ игран филм, во програмата вклучи 8 филма, од кои 4 ќе имаат светска, а 4 филма регионална премиера.
Рада Шешиќ, селекторката на натпреварувачката програма ‒ документарен филм, селектира 22 филма: 8 филма во Сараево ќе реализираат светска, 3 меѓународна, 1 европска, 9 регионална и 1 босанско-херцеговска премиера.
Во натпреварувачката програма ‒ краток филм, според одлуката на селекторката Елма Татарагиќ, оваа година ќе учествуваат 10 филма: 4 ќе имаат светска, 1 меѓународна, а 5 филма регионална премиера.
Асја Крсмановиќ, селекторка на натпреварувачката програма ‒ студентски филм, во програмата вклучи 11 филма од кои 4 ќе имаат светска, 4 меѓународна, а 3 филма регионална премиера.
Програмата опфаќа филмови и автори од Северна Македонија, Туркије, Албанија, Ерменија, Австрија, Азербејџан, Босна и Херцеговина, Бугарија, Хрватска, Кипар, Грција, Грузија, Унгарија, Косово, Малта, Молдавија, Црна Гора, Романија, Србија, Словенија и Украина.