Admir Fazlagic
12 Август 2020•Ажурирај: 13 Август 2020
СКОПЈЕ
Јавното претпријатие „Комунална хигиена - Скопје“ потпиша Меморандум за соработка со Центарот за еколошка демократија „Флоразон“, за заедничко спроведување на проектот „Биди одговорен за себе и за нашата животна средина и во услови на пандемија“, поддржан од Генералниот секретаријат на Владата на Република Северна Македонија, јавува Агенција Анадолија (АА).
Целта на проектот е преку соодветно одлагање на отпадот од заштитна опрема - маски и ракавици, да се придонесе во борбата против ширењето на вирусот Ковид-19, како и во ублажувањето на последиците од пандемијата врз граѓаните. Во рамките на проектот, на триесетина локации пред поголемите маркети во градот Скопје ќе бидат поставени специјални садови за одлагање отпад од заштитна опрема, којшто ќе биде транспортиран од страна на екипите на ЈП „Комунална хигиена - Скопје“.
„Уште од почетокот на прогласувањето на пандемијата на вирусот Ковид-19, ЈП „Комунална хигиена - Скопје спроведе низа вонредни мерки и активности, сѐ со цел на максимално ниво да се издигне хигиената и чистотата на јавните и сообраќајните површини во градот. Ова е уште еден наш придонес во борбата против вирусот Ковид-19 и заштитата на јавното здравје. Со радост одговоривме на оваа иницијатива на центарот „Флоразон“ да го транспортираме отпадот од заштитната опрема којшто ќе се собира во овие специјално поставени садови“, изјави за медиумите Ана-Марија Бранѓолица, портпарол на ЈП „Комунална хигиена - Скопје“.
Бранѓолица информира дека садовите ќе почнат да се поставуваат денеска, а претпријатеието ќе го транспортира овој отпад заедно со комуналниот отпад.
Кирил Христовски од Центарот за еколошка демократија „Флоразон“ рече дека во рамките на проектот, низ земјата ќе бидат поставени 75 специјални садови за одлагање отпад од заштитна опрема.
„Сакаме директно да влијаеме врз намалувањето на ризиците од понатамошно ширење на Ковид-заразата и истовремено да влијаеме врз намалувањето на таканаречениот Ковид-отпад. Дополнително, важна работа што сакаме да ја поттикнеме преку овој проект е општествената одговорност кај приватниот и јавниот сектор, воедно преку тоа да влијаеме врз јакнење на јавната еколошка свест и да укажеме на слабостите на актуелните практики на самиот систем за управување на отпад“, рече Христовски.
Тој додаде дека за овој проект потпишале меморандуми со јавните комунални претпријатија на Градот Скопје, Куманово, Кичево, Охрид и Струга.
Христовски истакна и дека тие како еколошко здружение активно работат во полето на заштитата на здравјето на граѓаните и укажуваат на потребата од поголема свесност во делот на одлагањето не само на комуналниот отпад, туку и на отпадот од маски и ракавици којшто е класифициран како опасен отпад.