Husameddin Gina
04 Септември 2018•Ажурирај: 05 Септември 2018
СКОПЈЕ (АА) - Денеска во Скопје се одржа завршната церемонија за твининг-проектот за јакнење на административните капацитети за спроведување на Рамковната директива за отпад и директивите за посебните видови отпад, јавува Anadolu Agency (AA).
На завршната церемонија учествуваа заменик-министерот за животна средина и просторно планирање на Република Македонија, Јани Макрадули, претставничка од Делегацијата на ЕУ во Македонија, Вирве Вимпари, амбасадорот на Кралството Шпанија во Република Македонија, Емилио Лоренцо Сера, и Ричард Малон од Британската амбасада во Скопје.
Заменик-министерот Јани Макрадули изрази благодарност до ЕУ, Шпанија и Велика Британија чии експерти повеќе од една година биле дел од секојдневното функционирање на Министерството.
Според Макрадули, справувањето со отпадот од пластика е еден од најголемите предизвици што ги притиска не само властите во Европа, туку и во целиот свет.
„Тој предизвик не треба да го гледаме како опасност, напротив, како шанса. Останува на нас што ќе избереме. Или ќе ја собереме, рециклираме и некој ќе заработи некој денар од тоа или ќе ја оставиме по реките, парковите. Таму некој ќе ја најде и ќе ја фрли во својата печка. А тоа ќе емитира повеќе ПМ-честички во воздухот“, истакна Макрадули.

- Тешките метали се опасност за нашето здравје -
Вирве Вимпари, претставничка од Делегацијата на ЕУ во Македонија на денешната церемонија се заблагодари на партнерите кои учествуваа во проектот.
„Има добра историја на твининг-проекти во Министерството за животна средина. И затоа имам право да се надевам дека и ова ќе биде успешен проект. Европската регулатива за животната средина е една од најсложените за имплементација, затоа бара сериозни ресурси“, рече Вимпари.
Амбасадорот на Кралството Шпанија во Република Македонија, Емилио Лоренцо Сера, изјави дека ги почитува сите експерти кои работеа во оваа област, бидејќи се работи за батерии и тешки метали, кои се опасност за здравјето на луѓето.
„Истите тие тешки материјали, батерии, завршуваат во реките, морињата, а тоа значи и кај рибите. Ние граѓаните, пак мислиме дека рибите се најздрава храна“, истакна Емилио Лоренцо Сера.
Тој исто така додаде дека Европската Унија прави грешки, но работи позитивно во областа на животната средина, а тие нешта не се доволно присутни во медиумите.