Ekipa
08 Октомври 2017•Ажурирај: 09 Октомври 2017
АНКАРА (АА) - Турските и српските бизнис заедници имаат големи надежи од претстојната посета на турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, на Белград во вторник, јавува Anadolu Agency (AA).
Претседателот на српската Стопанска комора и индустрија, Марко Чадеж, за АА истакна дека можни се одредени измени во договорот за слободна трговија меѓу двете земји за време на посетата.
„Дополнувањата на Договорот за слободна трговија беа хармонизирани минатата недела и ќе се официјализираат за време на претстојната посета на турската државна и бизнис делегација на Србија“, рече Чадеж.

Според турскиот Институт за статистика (TurkStat), трговската размена меѓу двете земји континуирано расте откако беше потпишан Договорот за слободна трговија во 2009 година. Трговската размена достигна до 900 милиони долари во 2016 година од 362 милиони, колку што изнесуваше во 2009 година.
Но, Чадеж додаде дека сé уште останува огромен неискористен потенцијал во двете земји.
„Понатамошната либерализација на трговијата со земјоделски и прехранбени производи ќе помогне во зголемувањето на билатералната трговија“, рече тој.
Според податоците на ТуркСтат, во периодот од јануари до август 2017 година извозот на Турција во Србија изнесуваше 442 милиони долари, додека увозот изнесуваше над 284 милиони долари.
Турското Министерство за надворешни работи вели дека Анкара ја смета Србија за клучна земја за регионалната стабилност и го поддржува нејзиниот процес за европска интеграција.
- Взаемна корист -
Над 70 турски компании во Србија имаат вкупен износ на инвестиции од 113 милиони американски долари, главно во текстилниот, прехранбениот сектори и во градежништвото.
Чадеж изјави дека измената на Договорот за слободна трговија ќе донесе нови фабрики и нови капацитети во Србија, како и нови извозни канали, додека турските инвеститори за возврат ќе добијат профитабилни бизниси.
„Важно е да се започне со заеднички вложувања во производството за трети пазари, што носи добивка и за двете страни“, рече тој.
Александар Меѓедовиќ, претседател на Турско-српскиот бизнис совет на Одборот за надворешни економски односи, рече: „Србија привлекува најмногу директни инвестиции во регионот“.
Меѓедовиќ се согласува со Чадеж дека турските и српските претпријатија би можеле да работат во трети земји, особено во Источна Европа
„Србија може да стане отскочна даска за турските компании кои сакаат да се прошират во Европа“, рече тој.
Меѓедовиќ додаде Србија може да послужи како добра производствена база за турските компании, благодарение на ниските трошоци за работна сила и владините стимулации.
Турскиот претседател Ердоган ќе ја посети Србија меѓу понеделник и среда, на разговори околу билатералните односи, вклучувајќи ја и трговијата. Според прес службата на претседателот, во план е средба со неговиот српски колега, како и со спикерот на српскиот парламент. Лидерите на двете земји се очекува да присуствуваат и на турско-српскиот бизнис-форум.