Bojana Stojanovic
08 Октомври 2017•Ажурирај: 09 Октомври 2017
БЕЛГРАД (АА) - Набавката на шест авиони ловци МиГ-29 (MiG-29) од Русија за Србија е само привремено решение кое нема да влијае на балансот на воената моќ на Балканот, бидејќи станува збор за половни авиони со дефанзивен капацитет, изјави во разговор за Anadolu Agency (AA) воениот критичар Александар Радиќ.
„Ако тргнеме од проценката дека станува збор за половни авиони кои се на истекот на животниот век, она што го добиваме е можност за преживување. Ова е само провизорно решение, а ние веќе изгубивме премногу време. Дури и ако добиеме на подарок авиони од Запад, ние немаме време“, рече Радиќ.
- Дефанзивно средство за контрола и заштита на воздушниот простор -
Тој објасни дека станува збор за авиони произведени во периодот од 1987 до 1991 година, и дека тие авиони се употребливи 40 години, како и дека претставуваат дефанзивно средство за контрола и заштита на воздушниот простор на Србија.
„Доколку би се модернизирале, тие би можеле да имаат офанзивен капацитет, но модернизацијата не е договорена. Договорен е само прием на шест руски авиони, ремонт на четири наши авиони, а потоа, кога нашите ќе се ремонтираат ќе биде извршен и ремонт на овие руските“, рече Радиќ.
Тој оценува и дека набавката на овие авиони нема да влијае на балансот на воената моќ на Балканот, бидејќи, тие се со дефанзивен капацитет, Унгарија веќе има современи авиони, а Хрватска и Бугарија моментално се пред набавка на авиони.
Коментирајќи ги најавите на министерот за одбрана на Србија, Александар Вулин, дека авионите ќе бидат претставени на аеродромот Батајница на 20 октомври, Денот на ослободувањето на Белград, каде што треба да присуствува и рускиот министер за одбрана, Сергеј Шојгу, Радиќ вели дека тие тогаш ќе ѝ бидат покажани на јавноста и тоа од земја.
„Тие на 20 октомври ќе ѝ бидат прикажани на јавноста и тоа од земја, и ако ги броите ќе видите дека нема шест туку пет, затоа што еден веќе е вратен во Русија, поради правни прашања. Тие нема да летаат повеќе месеци. Оние кои ќе летаат на 20 октомври ќе бидат руски авиони, кои веднаш по завршувањето на манифестацијата ќе бидат вратени во Русија“, додаде Радиќ.
- Српските потреби се далеку поголеми -
Како вистинско решение го гледа, под услов кога државата би имала пари, организирањето на меѓународен тендер за да се избере модел на набавка кој ќе овозможи афирмација на српската индустрија.
Радиќ заклучи дека една земја како што е Србија би требало оптимално да има меѓу 18 и 20 авиони со повеќе од 30 пилоти, а не десет авиони како што е случај сега.
Ремонтот на авионите МиГ, според најавите на Зоран Ѓорѓевиќ, кој беше министер за одбрана кога беше договорена набавката, ќе се изведе во Србија во Воздухопловниот завод „Мома Станојловиќ“ и во Русија, но не е јасно кои компоненти во која земја ќе се работат.