Alma Çekovic
28 Март 2018•Ажурирај: 28 Март 2018
МИТРОВИЦА (АА) - Одборниците на десет општини со српско мнозинство на Косово, денес во Митровица усвоија три заклучоци, со кои, меѓу останатото, се најавува формирање на Заедница на српски општини (ЗСО), доколку Приштина во рок од три недели не преземе конкретни чекори по тоа прашање, јавува Anadolu Agency (AA).
„Доколку Приштина не биде подготвена во наредните три недели да започне да работи на формирање на ЗСО, српските општини и институции сами ќе започнат со формирање на ЗСО, со нејзините тела и институции. Ние сме подготвени на создавањето на статутот на ЗСО да работиме во соработка со Белград и Приштина, онака како што е предвидено со Договорот“, се наведува во првиот заклучок.
Со вториот заклучок се бара казнување на налогодавците на нападот врз учесниците на внатрешниот дијалог во Митровица во понеделникот, кога беше уапсен директорот на Канцеларијата на Владата на Србија за Косово, Марко Ѓуриќ.
„Бараме, оние кои ја извршија наредбата и извршителите на теророт врз граѓаните, врз претставниците на српскиот народ и претставниците на медиумите на 26 март оваа година во Северна Митровица, најитно да се процесуираат и казнат, а министерот и директорот на полицијата да поднесат оставка поради противправниот напад на косовската специјална полиција“, се наведува во заклучокот.
Со третиот заклучок, одборниците на десет општини со српско мнозинство бараат од меѓународните мисии на Косово да ја зголемат будноста и превентивно да дејствуваат во случај на напад врз припадниците на српскиот народ.
„Ги повикуваме меѓународните претставници присутни во регионот, првенствено КФОР и ЕУЛЕКС, да ја интензивираат будноста и превентивно да дејствуваат во случај на напад врз српскиот народ и неговите претставници во наредниот период, бидејќи тоа е обврска што произлегува од нивниот мандат. За секое нарушување на мирот и загрозувањето на животот на нашите граѓани, ќе ги сметаме за одговорни“, се наведува во заклучокот кој по паузата од околу половина час, го прочита Дејан Гурешиќ, претседавачот на СО во Северна Митровица.
Заклучоците се донесени едногласно на заедничката седница на претставниците на десетте општини со мнозинско српско население во Косово, одржана во Митровица.
Седницата е закажана по апсењето и протерувањето на директорот на Канцеларијата на Владата на Србија за Косово, Марко Ѓуриќ, во понеделникот, и излегувањето од Српската листа од Владата на Косово ден подоцна.
На собирот во Митровица присуствуваа претставниците на Српската листа, одборниците и претставниците на српските општини, како и помошник-директорот на Канцеларијата за Косово во Владата на Србија, Петар Петковиќ, а на бината беше поставено лого на Заедницата на српските општини (ЗСО).