Zülfiya Yakup
05 Февруари 2017•Ажурирај: 06 Февруари 2017
МИТРОВИЦА (АА) - Спорниот ѕид покрај мостот од северната страна на Митровица е урнат за речиси еден час со багери кои ги обезбеди српските локални власти на Северна Митровица, јавува Anadolu Agency (AA).
Уривањето на ѕидот долг околу 50 метри помина мирно и без инциденти, со присуство на голем број на претставници на домашни и странски медиуми. За граѓаните на Митровица уривањето беше помалку интересно.
Истовремено, градоначалникот на Јужна Митровица, Агим Бахтири изјави дека уривањето на ѕидот за сите граѓани на Митровица, без оглед на етничката припадност, претставува големо задоволство, бидејќи со слободата на движење се обединува градот.
„Овој ѕид беше надвор од планот. За мене овој ѕид беше илегален и сега, како што гледате, се отстранува. Се надевам дека во иднина нема да имаме вакви провокации, туку тесна соработка, еден заеднички регион, мирен регион за сите граѓани” , изјави Бахтири.
На прашањето да го прокоментира новиот план на ревитализација на мостот кој исто така претставува ѕид во вид на каскада, но два метри подлабоко во внатрешноста на делот на Митровица, Бахтири изјави дека никогаш не бил против тој план кој е во согласност со европските стандарди и кој обезбедува слобода на движење на граѓаните.
„Во многу градови низ светот има и скали и ѕидови кои ги штитат граѓаните од возила. Така, сметам деа тоа не влијае многу, туку влијае на одлучноста на сите граѓани и Срби и Албанци кои се изјаснија против ѕидот и поделбата” , истакна Бахтири.
По уривањето на ѕидот, во понеделник или вторник, ќе се започне со изградба на новопроектирано решение.
Српските локални власти во Митровица, во рамките на ревитализацијата на мостот според проектот на Европската Унија, на почетокот на декември 2016 година изградија потпорен ѕид покрај мостот на реката Ибар висок околу два метри, што предизвика бурни реакции на властите во Приштина и од сите припадници на албанската заедница во Косово. Пратениците на косовското Собрание кон крајот на минатата година усвоија резолуција со која се бара од Владата на Косово до крајот на јануари 2017 година ѕидот да биде срушен.
По многу расправии и преговори со подсредство на ЕУ, конечно вчера беше постигнат договор за уривање на ѕидот. Договорот го потпишаа градоначалникот Горан Ракиќ и министерот за животна средина и просторно планирање Ферат Шала.
Гаранти на договорот се косовскиот премиер Иса Мустафа, шефицата на Канцеларијата на ЕУ во Косово, Наталија Апостолова и амбасадорот на САД во Косово Грег Делави.
Договорот потоа едногласно го усвоија и одборниците на Собранието на општина Северна Митровица.
Со посредување на ЕУ, премиерите на Косово и Србија, Иса Мустафа и Александар Вучиќ на 25 август 2015 година потпишаа договор за ревитализација на главниот мост на Ибар, со кој се предвидува пуштање на мостот за сообраќај на возила, како и изградба на пешачка зона веднаш зад мостот од северната страна.