Ekipa
26 Јануари 2017•Ажурирај: 26 Јануари 2017
МЕКСИКО СИТИ (АА) - Мексиканскиот претседател Енрике Пења Нието, во телевизиско обраќање до нацијата, изјави дека неговата земја нема да даде економска поддршка во подигнувањето на ѕид на границата со САД, пренесува Anadolu Agency (AA).
Нието истакна дека тој ги ламентирал плановите за изградба на бариерата и додаде дека Мексико не верува во ѕидови.
„Јас веќе реков, и пак ќе повторам. Мексико нема да плати за никаков ѕид. Жалам и ја осудувам одлуката на САД да продолжат со одлуката за изградба на ѕидот кој со години нè разделуваше наместо да нè обединува“, рече Нието.
Мексиканскиот претседател не го спомена можното откажување или одложување на посетата на Вашингтон на 31 јануари, кога е предвидено да се сретне со новиот американски претседател, Доналд Трамп.
Да потсетиме, Трамп вчера потпиша декрет со кој се одобрува изградба на ѕид на границата меѓу САД и Мексико.
„За ова се залагавме од самиот почеток“, изјави Трамп додека го потпишуваше декретот.
Трамп претходно изјави дека ќе го исполни предизборното ветување за изградба на ѕид на границата со Мексико. За време на предизборната кампања, тој истакна дека мексиканските власти ќе ги сносат трошоците за изградба на ѕидот на границата.
За изградба на ѕидот ќе биде потребно одобрување од американскиот Конгрес, а вкупните трошоци за негова изградба би изнесувале околу 14 милијарди долари.