Zülfiya Yakup
16 Јануари 2019•Ажурирај: 17 Јануари 2019
ПРИШТИНА (АА) - Претседателот на Општината Јужна Митровица, Агим Бахтири, денес на претседателот на Собранието на Косово, Кадри Весели, му ја предаде петицијата за обединување на поделениот град Митровица, потпишана од над 16.000 граѓани, јавува Anadolu Agency (AA).
Бахтири притоа истакна дека Митровица е неправедно поделена, без да бидат прашани граѓаните, со повикување на планот на Ахтисари.
Тој рече дека 15.000 албански жители од северниот дел на градот се раселени и сè уште живеат во јужниот дел, како бегалци во сопствениот град.
Бахтири нагласи дека не успеал да пронајде решение за овие луѓе да изградат свои домови и да се вратат таму каде што некогаш живееле, бидејќи немало волја за такво нешто од страна на поранешниот претседател на Општина Северна Митровица, Горан Ракиќ, и останатите структури кои, како што рече, не биле со главата во Приштина, туку во Белград.
Тој, исто така, истакна дека е скандалозно што по оставката на Ракиќ, Северна Митровица ја водат паралелни структури на власта.
„Бевме принудени, ова не го направивме од разонода, туку од потреба, да ја направиме оваа петиција, заедно со граѓаните и да се обратиме до Собранието на Република Косово, во име на граѓаните, во име на луѓето кои не можеа да се вратат во своите домови, но и во име на Србите кои сакаат да одат напред, а кои се блокирани од паралелните српски структури и не се задоволни од тоа, а петицијата е потпишана и од Срби. Барам и братски ве замолувам ова да го насочите во вашата институција и една таква одлука очекуваме наскоро, градот да биде со еден статус и еден претседател за сите граѓани без оглед на националните разлики“, рече Бахтири.
Претседателот на косовското Собрание, Кадри Весели, истакна дека оваа петиција, по верификацијата од страна на надлежната Комисија, ќе биде ставена во процедура и дека сериозно ќе биде разгледана.
Тој им порача на групите на кои не им се во интерес Митровица и митровчани политички да не манипулираат со тој дел од Република Косово.
„Мојата порака до српските граѓани е дека ова не е провокација, нема да има заострување и ескалација на ситуацијата. Тие се граѓани на Република Косово, граѓаните на Општина Митровица се граѓани на Република Косово, Митровица е град на митровчани, и ќе биде една достоинствена општина во која Албанците и Србите ќе живеат заедно со перспектива за економски развој“, рече Весели.
Со одлука на Собранието на Општина Митровица кон крајот на декември е започната петиција за обединување на градот, која ја потпишаа 16.594 граѓани од сите националности, а денес петицијата е предадена до Собранието на Косово, на Владата и на Претседателството.
Со оваа петиција граѓаните бараат да се стави надвор од сила одлуката на Собранието на Косово од 2007 година за поделба на Митровица на две општини, Јужна и Северна Митровица.
Митровица, инаку, од завршувањето на војната во Косово во 1999 година, е поделена на јужен дел со мнозинско албанско население и северен дел со мнозинско српско население.