Fatjon Cuka
15 Јануари 2019•Ажурирај: 16 Јануари 2019
ТИРАНА (АА) - Министерот за внатрешни работи на Република Македонија, Оливер Спасовски, во рамки на неговата посета на Албанија, денес во албанскиот град Поградец, се сретна со својот албански колега Сандер Лешај, пренесува Anadolu Agency (AA).
Во соопштението на Министерството за внатрешни работи на Албанија се нагласува дека целта на средбата била продлабочување и понатамошно подобрување на прекуграничната и полициската соработка меѓу двете земји.
„Министерот Лешај му честиташе на својот колега, Оливер Спасовски, за резултатот постигнат во Собранието на Македонија што се однесува до ратификувањето на Договорот од Преспа, за патот за интеграција на Македонија кон НАТО и Европската Унија (ЕУ). За време на средбата, фокусот на разговорите беа заедничката цел за изградба на моделот „one stop-shop“ на заедничката граница, модел што Албанија веќе го применува со Црна Гора и Косово, додека Македонија го има со Србија“, се вели во ова соопштение.
Во горенаведеното соопштение се истакнува дека двајцата министри укажале на важноста на моделот „one-stop-shop“ на границата, и се додава дека страните ветиле дека ќе ги преземат потребните чекори за поставување на овие заеднички гранични точки на 1 април 2019 година.
Во соопштението се наведува дека министерот Спасовски за време на средбата ја информирал албанската страна дека властите во Македонија ги преземаат сите потребни мерки за подобрување на условите и инфраструктурата на заедничката прекугранична точка во Требиште.
Според соопштението, министерот Лешај на својот македонски колега му ја претставил идејата за обезбедување слободно движење на граѓаните, патниците и стоките во границите на овие две земји, и според него, оваа идеја ќе се сподели и со другите земји од Западен Балкан.