Admir Fazlagic
05 Мај 2019•Ажурирај: 05 Мај 2019
СКОПЈЕ (АА) - Во 19:00 часот се затворија избирачките места, со што заврши гласањето од вториот круг за избор на претседател на Северна Македонија, јавува Anadolu Agency (AA).
На 3.480 избирачки места во земјава и на 32 во странство на шестите претседателски избори можеа да гласаат 1.808.131 граѓанин запишани во избирачкиот список. Гласачките места беа отворени во 7:00 часот.
Претседателот на Државната изборна комисија (ДИК), Оливер Дерковски на прес-конференција изјави дека од обработени 3.428 избирачки места (97,61 осто), до 18:30 часот излезноста изнесува 44,5 отсто, односно 795.577 граѓани го оствариле своето право на глас.
Дерковски рече дека гласањето се одвива тековно и нема нерегуларности на гласачките места.
Кандидати за претседател на Северна Македонија во вториот круг од изборите се Стево Пендаровски, поддржан од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) и владејачката коалиција, и Гордана Силјановска-Давкова, поддржана од опозициската ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата.
Првиот круг од претседателските избори се одржа на 21 април.
Од независноста на државата, ова се шести претседателски избори.
Заедно со вториот круг на претседателските избори денеска се одржа и вториот круг од предвремените локални избори за градоначалници на Охрид и на Ново Село.
Според заклучениот избирачки список на Државната изборна комисија, за предвремените локални избори во Охрид право на глас имаа 52.303 граѓани, а во Ново Село 11.365 граѓани.
Избори беа распишани и во Дебар, но таму градоначалник беше избран во првиот круг, кога победи Хекуран Дука од Демократската унија за интеграција (ДУИ).