Балкан

Претседателски избори во Северна Македонија: До 18:30 часот излезноста изнесува 39,71 отсто

„Можам да ви соопштам дека до 18:30 часот и неколку минути подоцна гласале 39,71 процент од обработени 91,54 проценти, или во апсолутна бројка тоа би било некаде околу 700 илјади гласачи", изјави Дерковски

Admir Fazlagic  | 21.04.2019 - Обновена : 22.04.2019
Претседателски избори во Северна Македонија: До 18:30 часот излезноста изнесува 39,71 отсто (Foto: Husamedin Gina/ AA)

СКОПЈЕ (АА) - Излезноста во првиот круг на претседателските избори во Северна Македонија до 18:30 часот изнесува 39,71 отсто од обработени 91,54 проценти од избирачките места, односно на гласање излегле околу 700 илјади граѓани, соопшти Државната изборна комисија (ДИК), јавува Anadolu Agency (AA).

Претседателски избори во Северна Македонија: Затворени избирачките места

Претседателот на ДИК, Оливер Деркоски, на прес-конференцијата соопшти дека според нивните податоци, најголема излезност има во Гевгелија (59,25 отсто), Кавадарци (53 отсто), Карпош (49,89 отсто), додека најниска излезност има во Боговиње (17,93 отсто).

„Можам да ви соопштам дека до 18:30 часот и неколку минути подоцна гласале 39,71 процент од обработени 91,54 проценти, или во апсолутна бројка тоа би било некаде околу 700 илјади гласачи кои што гласале, додека од обработениот процент 91,54 се работи за бројка од 662, 827 гласачи", изјави Дерковски на прес-конференцијата.

Според неговите зборови, врз основа на она што го следеле преку целиот ден, рече дека изборниот ден за овие претседателски избори добива една преодна оценка, со оглед на многу малиот број ситуации во коишто имаше можеби нарушување на гласачкото право на гласачите.

Додаде дека според него денот, со исклучок на местата што изутрина не биле отворени, поминал добро.

Тој информираше дека се пристигнати уште четири нови приговори, покрај претходните 10, а од новопристигнатите е прифатен само еден и е дадена можност да се оствари гласачко право.

Излезноста на локалните избори, што исто така се одржуваат денеска во три општини, до 18:30 часот во Дебар изнесува 42,7 проценти, во Ново Село 47,46, а во Охрид 49,36 проценти.

Министерот за внатрешни работи на Северна Македонија, Оливер Спасовски, по затворањето на избирачките места одржа прес-конференција на која истакна дека гласањето во текот на денешниот ден поминало мирно, без посериозни нарушувања на јавниот ред и мир.

Спасовски им се заблагодари на институциите и на граѓаните за, како што рече, успешно спроведените избори.

На 3.480 избирачки места во земјава денеска можеа да гласаат 1.808.131 граѓанин запишани во избирачкиот список.

Кандидати за претседател на Северна Македонија се Стево Пендаровски, поддржан од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) и владејачката коалиција, Гордана Силјановска-Давкова, поддржана од опозициската ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата и Блерим Река, поддржан од опозициските политички партии од албанскиот блок, Алијансата на Албанците и Движењето Беса. Сите тројца се универзитетски професори.

Вториот круг од изборите е закажан за две недели, на 5 мај.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.