Балкан

Претседателски избори во Северна Македонија: Затворени избирачките места

Според официјалните податоци на ДИК, одзивот на гласачите до 17:00 часот е 35,13 проценти, според пристигнатите информации до ДИК од 79,73 отсто од избирачките места на државно ниво

Admir Fazlagic  | 21.04.2019 - Обновена : 21.04.2019
Претседателски избори во Северна Македонија: Затворени избирачките места

СКОПЈЕ (АА) - Во 19:00 часот се затворија избирачките места, со што заврши гласањето од првиот круг за избор на претседател на Северна Македонија, јавува Anadolu Agency (AA).

Според официјалните податоци на Државната изборна комисија (ДИК), одзивот на гласачите до 17:00 часот е 35,13 проценти, според пристигнатите информации до ДИК од 79,73 отсто од избирачките места на државно ниво.

На 3.480 избирачки места во земјава и на 32 во странство на шестите претседателски избори можеа да гласаат 1.808.131 граѓанин запишани во избирачкиот список. Гласачките места беа отворени во 7:00 часот.

Министерството за внатрешни работи (МВР) на Северна Македонија соопшти дека нема регистрирано нарушувања на јавниот ред и мир во текот на гласањето.

Кандидати за претседател на Северна Македонија се Стево Пендаровски, поддржан од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) и владејачката коалиција, Гордана Силјановска-Давкова, поддржана од опозициската ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата и Блерим Река, поддржан од опозициските политички партии од албанскиот блок, Алијансата на Албанците и Движењето Беса. Сите тројца се универзитетски професори.

Покрај за претседател, денеска во општините Охрид, Ново Село и Дебар се гласа и за избор на нов градоначалник.

Вториот круг од изборите е закажан за две недели, на 5 мај.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.