Edıta Zekjırovıkj
25 Март 2022•Ажурирај: 27 Март 2022
СКОПЈЕ (АА) - Претседателот Стево Пендаровски на свечена церемонија ги одликуваше Милица Стојанова, Милка Ефтимова и Стојна Вангеловска со Орден за заслуги за Република Северна Македонија, и го додели признанието „Повелба на Република Северна Македонија“ на Факултетот за драмски уметности, на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ и на Националната установа „Турски театар“, јавува Агенција Анадолија (АА).
Во своето обраќање претседателот Стево Пендаровски пред присутните им се заблагодари на одликуваните за нивниот придонес и нагласи дека одликувањата, освен што се благодарност кон нив за нивните постигнувања, ги афирмираат и моделите на доблесно човеково однесување како патокази за идните генерации.
„Во глобалниот политичко-историски момент кој го живееме, а кој се одликува со недоверба и масовно преиспитување на повеќето клучни цивилизациски придобивки, кои, за жал се разнишани, како никогаш досега ништо не е поважно од афирмирање на примерите на човековата извонредност во културата, уметноста, науката, образованието и спортот“, рече претседателот Пендаровски.
Милица Стојанова е одликувана со Орден за заслуги за Република Северна Македонија за нејзиниот придонес во основањето на македонскиот театар, како и за воспоставување иновативни методи, високи критериуми и за нивни развој во современото актерско мајсторство и за афирмација на македонскиот театар и на македонскиот филм на национално и на меѓународно ниво.
Стојанова истакна дека ѝ претставува особена чест и задоволство што е одликувана со признание, кое го презема во свое име, но и во името на нејзините колеги и колешки, како и на починатите колеги.
Милка Ефтимова е одликувана со Орден за заслуги за Република Северна Македонија за нејзиниот исклучителен придонес во развојот на оперското пеење и афирмација на македонската оперска уметност на национално и на меѓународно ниво, како и за посветената и значајна педагошка активност.
Стојна Вангеловска е одликувана со Орден за заслуги за Република Северна Македонија за нејзините постигнати највисоки резултати во кошарката на домашен и на меѓународен план како играч и како тренер, како исклучителен придонес во македонската кошарка и на македонскиот спорт, воопшто.
„Тежок е патот кон успехот, полн е со предизвици, бара труд, вложување, посветеност, но пред сѐ, голема дисциплина и одговорност“, рече Вангеловска, ветувајќи дека и понатаму ќе ја исполнува својата спортска мисија.
На Факултетот за драмски уметности му е доделено признанието „Повелба на Република Северна Македонија“, по повод 50 години постоење и траен придонес во развојот на театарската и на филмската уметност, како и на драмското творештво преку педагошка дејност и преку автономна театарска и филмска едукација.
Деканката на Факултетот за драмски уметности, Мими Таневска-Србиновска, се заблагодари за наградата и додаде: „Како што рекол нашиот Горан Стефановски: Ниту една култура не може да опстане без една точна, силна и автентична приказна. Културата е токму таа точна, силна и автентична приказна.“
На Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ му е доделено признанието „Повелба на Република Северна Македонија“, по повод 40 години постоење, значаен и непроценлив придонес во развојот на македонската кинематографија, нејзина афирмација во светски рамки, како и за афирмација и популаризација на филмската уметност низ нејзиниот најспецифичен сегмент, кинематографијата, чие признание го презеде Симеон Дамевски, директор на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“.
На Националната установа „Турски театар“ ѝ е доделено признанието „Повелба на Република Северна Македонија“, по повод 70 години постоење и особени постигнувања на полето на театарската уметност и за нејзина афирмација и популаризација, како во земјата, така и во странство.
„Горди сме и се радуваме поради ова признание, бидејќи го потврдува она што ние го работиме со посветеност и со кое постигнуваме резултати“, рече Несрин Таир, директорка на Националната установа „Турски театар“, заблагодарувајќи се за доделеното признание.
На настанот беше споделен видеоматеријал, кој ја прикажува богатата биографија на одликуваните.
На настанот, покрај претседателот Пендаровски и неговата сопруга Елизабета Ѓоргиевска, присуствуваше и претседателот на Собранието на Северна Македонија, Талат Џафери, како и Роберт Алаѓозовски, националниот координатор за развој на културата и меѓуресорската соработка.