СКОПЈЕ (АА) - Премиерот на Северна Македонија Оливер Спасовски соопшти дека од утре започнува ограничувањето на движењето на сите граѓани, односно полициски час. Според тоа, се забранува движењето на населението од 21 до 06 часот, јавува Агенција Анадолија (АА).
Премиерот Спасовски имаше вонредно обраќање до јавноста во кое информираше дека од утре се воведува полицискиот час.
„Објавувам дека Владата на Република Северна Македонија донесе одлка за уште една мерка што за прв пат се вовоедува во историјата нашата земја на цела територија. На седница на Владата донесовме одлука за воведување најрадиални мерки со цел да го заштитиме здравјето на грѓаните од коронавирусот", истакна Спасовски.
„Од утре, недела, 22 март, се забранува движење на населението од 21 до 06 часот секој ден, Нема компромис кога здравјето на граѓаните е во пршашање. Мерките мораме сите да ги почитуваме и само така ќе ги спасиме и народот и државата", рече Спасовски.
Според Спасовски, од оваа забрана се исклучуваат лица кои имаат потреба од итна медицинска помош, животно загрозувачка состојба, лица на дијализа исклучиво во придружба на најмогу две лица.
„Доколку поради итноста на здравствената состојба возилото биде запрено од полициска придружба, дополнително ќе се евидентира и ќе се провери оправданоста на излегувањето и превозот до здравствената институција преку приложување на медицинска документација по завршување на медицинскиот преглед", соопшти Спасовски.
Како што информираше тој, директорите на јавните здравствени установи ќе изготват список на вработени лица за кои се предвидува дека ќе имаат неопходна потреба за движење вон лимитираното време и ќе го дистрибуираат до Министерство за внатрешни работи (МВР) или друго надлежно министерство или установа со цел изготвување на специјални пропусници за лица кои ќе можат да се движат во рестриктивните часови.
Во контекст на постоечките рестрикции не се опфатени припадниците на МВР, Армијата на Северна Македонија, противпожарни екипи, лица вработени во Комунална хигиена кои се во моментот на работа во смена.
„Да се ограничи бројот на дежурните аптеки на територијата на градовите и да се назначат од Министерството за здравство или Агенцијата за лекови или Фондот за здравствено осигурување на Република Северна Македонија, одреден број на аптеки, кои ќе дежураат во рестриктивниот период, а во исто време да бидат локациски поврзани со дежурните здравствени институции", изјави Спасовски.
Како што објасни тој, пристапот до дежурните аптеки ќе се ограничи само на лица кои извршиле медицински преглед во здравствена установа, а како доказ за тоа ќе приложат медицински извештај од извршен преглед.
Премиерот на Северна Македонија рече дека една од мерките ќе биде да се задожат такси компаниите да воведат дежурства со ограничен број возила и истите да бидат искористени исклучиво за превоз кон и од болничка установа или аптека. Таксистите, рече Спасовски, да користат лична заштитна опрема во возилата, заштитна маска и ракавици.
Исто така, се забранува движење на возила од јавен превоз од 21:00 до 06:00.
Дежурни екипи на ЕВН, Водовод и канализација, Телекомуникации служби, топлификација смеат да се движат само по претходна најава на МВР.
Премиерот Спасовски наведе и дека се забранува собирање на населението во групи поголеми од 5 лица во период од 06:00 - 21:00 на јавни места и површини.
„Директорите/управителите на погони/фабрики на сите институции се задолжуваат да го прилагодат своето работно време и производството согласно забраната за движење во предвидениот период", рече Спасовски.
Потсетуваме, претседателот на Северна Македонија, Стево Пендаровски, на 18 март прогласи вонредна состојба на територијата на целата држава, со цел полесно справување со борбата против ширењето на коронавирусот.
Според податоците на Министерството за здравство на Северна Македонија, вкупната бројката на досега дијагностицирани пациенти од коринавирусот во земјата изнесува 85.