Премиерот на Албанија, Рама, предлага измени во владиниот Кабинет
- Предложените измени во Владата на Албанија доаѓаат по последните случувања во случајот против Балуку, која е осомничена за кривично дело „повреда на еднаквоста на учесниците во тендери или јавни аукции“
ТИРАНА (АА) - Премиерот на Албанија, Еди Рама, предложи измени во владиниот Кабинет, при што е предложено разрешување на вицепремиерката и министерка за инфраструктура и енергија Белинда Балуку.
Предлозите официјално се потврдени за Анадолу од официјални извори од Владата на Албанија.
Се дознава дека предлозите биле објавени од Рама на вчерашната маратонска седница на пратеничката група на партијата што ја раководи, Социјалистичка партија.
Актуелната министерка за внатрешни работи Албана Кочиу е предложена за функцијата вицепремиерка. За министер за Европа и надворешни работи Рама го предложи дипломатот Ферит Хоџа на местото на Елиса Спиропали.
За министер за внатрешни работи Рама го предложи актуелниот министер за правда Бесфорт Ламалари, а за министер за правда Тони Гогу, кој во моментов е министер за државни односи со Парламентот.
Енеа Каракачи е предложен за министер за инфраструктура и енергетика. Ермал Нуфи е предложен за министер за одбрана, функција што во моментов ја извршува Пиро Венгу. Ерјона Исмаили е предложена за министерка за односи со Собранието.
По официјалниот предлог на Рама, измените во Владата треба да бидат одобрени од претседателот Бајрам Бегај и потоа да бидат одобрени од Собранието на Албанија.
Предложените измени во Владата на Албанија доаѓаат по последните случувања во случајот против Балуку, која е осомничена за кривично дело „повреда на еднаквоста на учесниците во тендери или јавни аукции“.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
