Abdula Berisha
27 Март 2019•Ажурирај: 28 Март 2019
СКОПЈЕ (АА) – Народниот правобранител на Република Северна Македонија го презентираше Годишниот извештај за човековите слободи и права, во којшто е прикажана состојбата во вкупно 20 области во текот на 2018 година, јавува Anadolu Agency (AA).
На прес-конференцијата, заменик-народниот правобранител Васка Бајрамовска-Мустафа рече дека граѓаните најголема недоверба искажале кон правосудството, каде што се удвоил бројот на поднесени претставки.
Таа објасни дека претставките главно се однесуваат на долгото траење на судските постапки, но и на незадоволството од судските одлуки.
Според податоците на Годишниот извештај, се забележува зголемување на претставките поврзани со работниот однос, и тоа за 60 проценти. Според извештајот, се констатира дека продолжува практиката на „партиски реваншизам“. Извештајот исто така покажува пораст и на претставките поврзани со дискриминацијата.
„Главна констатација карактеристична за сите области е неоправдано одложување на постапките, и во многу случаи незаконито одлучување по барањата на граѓаните“, рече Бајрамовска-Мустафа.
Таа истакна дека нема промени и во условите во затворите. Според извештајот, осудените лица се соочуваат со лоши хигиенски и санитарни услови, како и со недоволна здравствена заштита.
Бајрамовска-Мустафа исто така апелираше што побрзо да се изгради воспитно-поправниот дом за малолетниците во Охрид.
„И по истек на скоро пет години од почетокот на изградбата на нов воспитно-поправен дом, кој требаше да биде завршен во 2016 година, објектот сè уште не е пуштен во употреба, а децата коишто се во судир со законот, наместо во дом кој ги исполнува стандардите, изречената мерка ја издржуваат во КПУ Затвор Охрид“, рече Бајрамовска-Мустафа.
Во извештајот се вели дека во текот на 2018 година, народниот правобранител постапувал по вкупно 4.482 претставки, од кои 50 биле иницирани од народниот правобранител.
Во текот на минатата година, народниот правобранител во 900 случаи има констатирано повреди на човековите слободи и права, што претставува намалување од 7,6 % во однос на 2017 година.