Ivana Ramadanova
22 Јули 2016•Ажурирај: 23 Јули 2016
СКОПЈЕ (АА) - Хелсиншкиот комитет за човекови права денеска одржа прес-конференција посветена на „Европскиот ден на жртвите од криминал од омраза“, јавува Anadolu Agency (AA).
За време на прес-конференцијата беше презентиран Годишниот извештај за криминалот од омраза во 2015 година и месечникот за криминал од омраза. Преку тековниот проект „Овозможување на ефективен одговор против криминалот од омраза и говорот на омраза“, поддржан од страна на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, од 2013 година до денес, Хелсиншкиот комитет евидентираше 284 инциденти сторени поради омраза.
Воислав Стојановски од Хелсиншкиот комитет вели дека според Годишниот извештај за криминалот од омраза, во 2015 година се евидентирани 44 инциденти, додека пак во 2016 година, каде што инцидентите продолжуваат, досега се евидентирани 39 инциденти.
„Годишниот извештај за криминалот од омраза во 2015 година опфаќа инциденти коишто се разработени според видот, локацијата, времето на сторување, пристрасната мотивација. Причините поради кои се случува злосторство од омраза најчесто се национална, расна и верска омраза, раздор или нетрпеливост, потоа следува инцидент сторен поради статус на бегалец или мигрант, инцидент сторен поради етничка припадност, државјанство или јазик, инцидент сторен поради политичка припадност или политичко уверување, инцидент сторен поради сексуална ориентација или родов идентитет, инцидент на спортски натпревари“, вели Стојановски.
Според него, Македонија, за жал, нема државни институции кои бележат и документираат дела од омраза, а тоа ја прави Македонија единствена земја во регионот на ОБСЕ која потфрла во систематскиот пристап кон делата од омраза. Таквиот факт е алармантен, особено затоа што Македонија се покажа како плодно тло за сторување дела од омраза, со тоа што мултикултурната структура на македонското општество доведува до тоа најголемиот број сторени дела од омраза да бидат по основ на етничка припадност.
Она што може да се издвои како позитивна страна од овогодишниот извештај за криминал од омраза, е тоа што значително е намален бројот на инциденти во 2015 година, за разлика од 2013 и 2014 година.