Samir Kajoševic
07 Ноември 2020•Ажурирај: 09 Ноември 2020
ПОДГОРИЦА
Претставниците на партиите на националните малцинства во Црна Гора нема да бидат дел од Владата прв пат во последните две децении, јавува Агенција Анадолија (АА).
Мандатарот Здравко Кривокапиќ во четвртокот предложи експертска влада, која ќе има 12 министерства и во која нема претставници на националните малцинства. Тој предложи за министри да бидат именувани непартиски личности со можност претседателот од Граѓанското движење УРА, Дритан Абазовиќ, да биде именуван за министер за одбрана.
Политичкиот аналитичар Борис Раониќ ја поздрави одлуката на мандатарот да формира експертска влада и предупреди дека не е добро што во неа нема претставници на малцинствата. Тој истакна дека малцинствата на тој начин се исклучени од донесувањето на одлуките на државно ниво.
- Малцинствата се недоволно мотивирани за влез во Владата
„Во моментот во кој позицијата на моќ во рамките на православното битие се смени, очекував повеќе напори со цел вклучување на малцинствата на бројни народи, и изјавите во изборната ноќ влеваа доверба. Но мандатарот не направи доволно да ги мотивира малцинствата за влез во Владата. Останува само оние припадници на помалку бројните етнички заедници, активни низ членките од владејачката коалиција, да добијат позначајни места и така да се избегне оваа влада да биде едноверска“, рече Раониќ за Агенција Анадолија (АА).
Кривокапиќ е предложен за мандатар со потписите од 41 пратеник од три победнички коалиции што го сочинуваат мнозинството во црногорскиот Парламент.
Во текот на преговорите со претставниците на партиите од коалицијата „За иднина на Црна Гора“, „Црно на бело“, и „Мирот е нашата нација“, мандатарот инсистираше Владата да биде експертска. Иако Кривокапиќ разговарал со претставниците на малцинските мартии, Бошњачката партија и албанската коалиција „Едногласно“ одбија да влезат во Владата поради идеолошко несогласување со одредени партии од владејачкото мнозинство. На албанската коалиција „Сега е време“ не ѝ се доделени министерски места и покрај ветувањата од мандатарот.
Портпаролот на Бошњачката партија, Адел Омерагиќ, предупреди дека новата Влада ќе биде прва без претставници на националните малцинства од воведувањето на повеќепартискиот систем во Црна Гора. Тој смета дека тоа покажува оти новото владејачко мнозинство нема доверба во припадниците на немнозинските народи.
„Одлуката на мандатарот во новиот состав на Владата да нема ниту еден претставник на немнозинските народи е јасен показател како оваа влада е замислена и во кој правец ќе продолжи да делува. Иако не сакаме да ги пребројуваме крвните зрнца на предложените кандидати за министри, индикативно е дека меѓу предложените нема ниту еден претставник на бошњачкиот, албанскиот и хрватскиот народ, кои сочинуваат речиси една третина од вкупното население на Црна Гора“, рече Омерагиќ.
Претставниците на малцинските партии во црногорскиот Парламент имаат вкупно пет пратеници. Бошњачката партија има три пратеници, а албанските коалиции „Едногласно“ и „Сега е време“ по еден пратеник.
Кривокапиќ во петокот рече дека националните малцинства ќе бидат застапени во новата власт по конституирањето на Владата и наведе, како што тврди, дека е цврсто определен да ја испочитува националната разноликост на Црна Гора.
- Опасност од продолжување на поларизацијата на општеството
Пратеникот од албанската коалиција „Сега е време“, Генци Ниманбегу, смета дека Владата ќе води кон понатамошна поларизација на општеството. Тој тврди дека по парламентарните избори во Црна Гора сè повеќе е видлива поларизација на Црногорци и Срби.
„Тоа ќе влијае и на националните малцинства да имаат отклон од ваквата Влада, како и на растот на недоверба во нивната иднина на ова подрачје. Конфузијата во владејачката коалиција е толкава што политичката сцена ќе се занимава со нив, а не со малцинствата, а не сум сигурен дека кои било одлуки во Владата ќе се донесат визионерски и реформски туку ќе бидат само резултат на компромис. Во битката за малцинските права ова ќе биде многу важен период - не за нивното остварување, туку за одбрана“, рече Ниманбегу.
Политичките претставници на националните малцинства беа запоставени во претходната Влада, па Бошњачката партија имаше место на потпретседател на Владата, министер за сообраќај и министер за социјална грижа. Претставникот на албанската коалиција беше министер за човекови и малцински права, додека претставничката на Хрватската граѓанска иницијатива покриваше функции на министер без ресор.
Претставникот на немнозинските партии прв пат е именуван за член на Владата на Црна Гора во 1998 година, кога функционер на Демократската унија на Албанците, Луиѓ Јунчај, е именуван за министер за човекови и малцински права. Бошњачката партија влезе во Владата во 2009 година, додека Хрватската граѓанска иницијатива беше дел од Владата од 2012 година.