Admir Fazlagic
24 Август 2018•Ажурирај: 25 Август 2018
СКОПЈЕ (АА) - Службата за информирање на Собранието на Република Македонија соопшти дека водењето јавна кампања не подразбира дека Собранието, како овластен предлагач, ќе дели средства поединечно на секого од 120-те пратеници за нивно водење кампања за референдумот на државно ниво, пренесува Anadolu Agency (AA).
Како што соопшти Службата за информирање на Собранието, до претседателот на Собранието, Талат Џафери, денеска пристигнал допис од пратеник во кој го известува дека ќе учествува во јавната кампања за претстојниот референдум и дека бара да му се обезбедат средства за таа намена.
Во појаснувањето на Собранието се наведува дека водењето јавна кампања не подразбира дека Собранието, како овластен предлагач, ќе дели средства поединечно на секого од 120-те пратеници за нивно водење кампања за референдумот на државно ниво.
„Затоа претседателот Џафери, во текот на вчерашниот ден, упати известување до пратеничките групи и до пратениците кои не се организирани во пратенички групи, во рок од три дена да го известат дали ќе учествуваат во јавната кампања и каков ќе биде нивниот став по референдумското прашање, „за“ или „ против“. Врз основа на добиените податоци, пропорционално, Собранието ќе закупи медиумски простор за учество на дебатни емисии, пишани медиуми и интернет-портали“, пишува во појаснувањето.
Потсетуваме, на 30 јули оваа година Собранието на Република Македонија одлучи на 30 септември 2018 година да се одржи референдумот за името, кој ќе биде консултативен.
Тогаш, претседателот на Собранието, Џафери, рече дека референдумското прашање ќе гласи: „Дали сте за членство во ЕУ и НАТО со прифаќање на Договорот меѓу Република Македонија и Грција?“
Референдумот е дел од Договорот меѓу Македонија и Грција кој предвидува промена на името на државата во Република Северна Македонија, што е главен услов за членство на земјата во НАТО и за отворање на преговорите со Европската Унија (ЕУ).