Ruslan Rehimov
26 Септември 2016•Ажурирај: 26 Септември 2016
БАКУ (АА) – Започна референдумот за промена на уставот во Азербејџан, на кој ќе се гласа за промена на 23 члена и за додавање нови 6 члена, јавува Anadolu Agency (AA).
Според соопштението на Централниот изборен комитет на Азербејџан, во 08:00 часот официјално започна референдумот.
Околу 5 милиони 260 илјади регистрирани лица, во Баку и во останатите градови ќе имаат право својот глас да го искористат на вкупно 5.627 гласачки места. За азербајџанските гласачи кои живеат надвор од државата, поставени се изборни центри на 38 места.
Референдумот го следат 53.300 домашни и 117 меѓународни набљудувачи. На илјада гласачки места се поставени камери, при што гласањето може да се следи во живо. Референдумот ќе биде завршен во 19:00 часот.
По препорака на претседателот Илхам Алијев, на гласање се ставени предлози како што се зголемување на претседателскиот мандат од 5 на 7 години, да се отстрани границата од ’најмалку 35 години’ при кандидатура за претседател, како и да му се дадат ингеренции на претседателот да може сам да свика предвремени претседателски избори.
Новите промени во уставот за којшто се гласа предвидуваат донесување на нови функции како што се ’прв помошник на претседателот’ и ’помошници на претседателот’. Назначувањето и разрешувањето од овие функции ќе го прави претседателот.
Првиот помошник на претседателот ќе ужива имунитет, и во случај кога претседателот ќе биде отсутен, сите овластувања ќе бидат во негови раце.
Со промените во делот на Законот за право на сопственост, ќе бидат додадени членовите „приватната сопственост подразбира социјална одговорност“ и „правото на сопственост на земјиште може да се ограничи со закон, со цел да има социјална правда и земјиштето да се користи продуктивно“.