СКОПЈЕ (АА) – Промовирана е книгата со поезија на скопскиот поет и професор Абдулфетах Рауф насловена како „Повторно за татковината“, јавува Агенција Анадолија (АА).
На синоќешната промоција која што се одржа во Националната галерија „Даут-пашин амам“ во Скопје присуствуваа поранешниот претседател на Уставниот суд на Северна Македонија, Салих Мурат, почесниот претседател на Сојузот на писателите на Турција, Мехмет Доган, претседателот на Сојузот на турски невладини организации во Северна Македонија (МАТУСИТЕБ), Хусрев Емин, претставници на турски институции и голем број гости.
По читањето на извадоци од Куранот, на програмата беше читана дел од поезијата на Абдулфетах Рауф, во регионот познат како Фетах ефенди.
Севба Абдула, претседател на Здружението за едукација и идеи „Фетах ефенди“, во изјавата за медиумите пред почетокот на програмата, истакна дека две-три години вршеле истражување за пронаоѓање на поезијата на Фетах Ефенди, за што дознале дека се наоѓа кај различни лица.
Абдула исто така нагласи дека поминале низ многу тешки моменти во процесот на објавување на книгата
Посочувајќи дека поезијата не е објавена 60 години, Абдула рече: „Фала му на Бога, на почетокот на оваа година, оваа поезија, бележниците со поезија ги добивме од синот на Мухамед Аручи. По тој ден, работејќи многу сериозно, откривме над 1.000 песни. Кај некои луѓе сѐ уште има негови песни. Вложивме многу напор да ја објавиме оваа поетска книга со цел да ја подигнеме свеста.“

Наведувајќи дека во наредниот период постепено ќе се објават неколку тома и нови книги, Абдула додаде дека размислуваат да го завршат ова дело со одржување на голем симпозиум за 60-годишнината од смртта на Фетах ефенди.
- „Фетах ефенди е мост што се протега од овие земји до Анадолија и до Турција“ -
Мехмет Доган, почесен претседател на Сојузот на писателите на Турција, рече дека Абдулфетах Рауф е личност, научник и писател кој израснал, живеел и бил активен во регионот.
Објаснувајќи дека немаат многу знаење за научната и книжевната историја на регионот по Балканската војна, Доган рече: „Всушност, кога ќе го запознаеме Фетах ефенди, правиме чекор да го запознаеме научниот и литературниот живот на овие земји од 1910-тите до 1950-тите, па дури и 1960-тите години. Претходно тој за нас претставуваше само едно име. Значи, кога дојдовме овде, пријателите ни рекоа дека тука живеело лице кое пишувало поезија во стилот на Мехмет Акиф, но ние не знаевме за неговите дела. Сега, за првпат денес во форма на книга ја видовме неговата поезија.“
Почесниот претседател Доган поезијата на Фетах ефенди ја опиша како „мост што се протега од овие земји до Анадолија и до Турција“.
Нагласувајќи дека е направен добар почеток во однос на „откривање“ на ликот и делото на Фетах ефенди, Доган ја сподели својата надеж дека песните ќе бидат собрани и објавени целосно.
- „Наша должност е да го спомнуваме Фетах ефенди“ -
Поранешниот претседател на Уставниот суд на Северна Македонија, Салих Мурат, истакнувајќи ја значајноста на вечерта за Скопје, рече дека „наша должност“ е да го споменуваме починатиот Фетах ефенди.
Нагласувајќи дека Фетах ефенди и неговите пријатели се судени за наместени, фалсификувани случаи во 1947 година, Мурат рече: „Само затоа што се бранеа себеси, идентитетот и она што го прави Скопје, Скопје, како членови на организацијата „Јуџел“ беа жртви. По кратко судење, дводневно судење, Фетах ефенди беше затворен седум години, а неговите политички права му беа одземени за три години. Неговите пријатели добија пониски казни.“
Салих Мурат рече дека Фетах ефенди добил незаслужена казна со оглед на правната конјуктура во тој период, истакнувајќи дека режимот од тој период се пресметувал со турско-муслиманските елементи од тоа време, бидејќи имал голема власт.
„Неговиот отпор и неговиот став се многу важни за нас. Вредностите што ги бранеше се нашите вредности денес“, нагласи Мурат.
Во поетската книга објавена од страна на издавачката куќа ИДЕФЕ, која дејствува во рамките на Здружението за едукација и идеи „Фетах ефенди“, има 37 песни.
- Кој е Фетах ефенди?
Роден во 1910 година во Скопје, главниот град на Северна Македонија, поетот и професор Абдулфетах Рауф е попознат како Фетах ефенди.
Во повеќето песни, Рауф ја изразува својата копнеж и тага за наследството од османлиската цивилизација.
Особено по Втората светска војна, тој се спротивстави на миграцијата од Југославија во Турција. Својот став дека миграцијата не е исправна од верски аспект, го изрази во своите песни.
Фетах ефенди се смета за еден од поетите од последната генерација кој пишувал на османлиски турски јазик на Балканот.