Vesna Besic,Edıta Zekjırovıkj
07 Октомври 2021•Ажурирај: 08 Октомври 2021
БЕЛГРАД
Претседателот на Република Србија, Александар Вучиќ, денеска одржа состанок со специјалниот пратеник на генералниот секретар на Обединетите нации (ОН) и шеф на Мисијата во Косово, Захир Танин, со кого ја разгледа актуелната политичка и безбедносна ситуација во Косово, јавува Агенција Анадолија (АА).
Вучиќ го нагласи значењето на комуникацијата со Мисијата на Обединетите нации во Косово (УНМИК) и додаде дека Србија е секогаш спремна да вложи и дополнителни напори за да се развијат дополнителни модели на размена на мислењата со Мисијата на ОН во Косово.
Во тој контекст, шефот на Мисијата на ОН во Косово, Захир Танин, му се заблагодари на Вучиќ, затоа што во отежнати услови, во текот на пандемијата тој наоѓал време за телефонски контакти во врска со актуелните случувања во Косово.
„Вучиќ нагласи дека последниот потег на Приштина и разместувањето на припадниците на РОСУ на административните премини кај Јариње и Брњак, претставува нова провокативна и еднострана мерка, по обидот за формирање војска на таканареченото Косово и воведувањето такса на српска стока, што предизвикува голема загриженост на Србија за иднината на Србите во Косово“, се наведува во соопштението од Кабинетот на Вучиќ.
Тој посебно нагласи дека Србија, како и секогаш досега, ќе продолжи со напорите да ги сочува мирот и стабилноста, но и дека ситуацијата зависи и од приштинската страна, која би требало да се воздржи од постојаните еднострани потези, кои во значителна мерка ја загрозуваат состојбата во Косово.
Вучиќ истакна дека редовните контакти со претставници на Мисијата на ОН во Косово се важни за Србија поради одржување на континуитетот во разгледување на прашањата за Косово, како и поради редовното информирање за политичката и сигурносната ситуација, која поради потегот на Приштина е подложна на непотребно подигање тензии.
„Присуството на ОН, односно на Мисијата на ОН во Косово, како и на други меѓународни мисии во Косово е повеќе отколку потребно како гаранција за безбедноста на српскиот народ“, нагласи Вучиќ, и додаде дека Резолуцијата 1.244 на Советот за безбедност на ОН, е и треба да биде правна рамка на меѓународното безбедносно присуство во Косово.
Шефот на Мисијата на ОН во Косово нагласи дека мандатот на Мисијата на ОН во Косово и КФОР е јасен, дека и во двете мисии улогите се прецизно одредени и дека и поранешните и сегашните генерални секретари на ОН – Бан Ки-Мун и Антонио Гутереш, од почетокот се цврсто приврзани во спроведувањето на доделените мисии во согласност со сите одлуки на ОН.
Се наведува дека Вучиќ го замолил Танан да го искористи своето влијание и да ја предупреди Приштина дека со своите еднострани и провокативни мерки ја зголемува напнатоста и ги загрозува мирот и стабилноста во регионот.
Вучиќ изрази загриженост поради сѐ поголемиот број на инциденти и истакна дека Србија повторно е посветена во унапредувањето на регионалната соработка, како и дека не прекршила ниту една одредба од Берлинскиот договор, Резолуцијата 1.244 и Воено-техничкиот договор, ниту ЦЕФТА.
Соговорниците се согласија дека присуството на Мисијата на ОН е многу важна за одржување на стабилноста во Косово, како низ доследна примена на Резолуцијата 1.244 на ОН, така и низ ангажирање да се реализираат договорите постигнати во рамките на Бриселскиот дијалог.
Шефот на Мисијата на ОН во Косово укажа на неопходното продолжување на дијалогот на Белград и Приштина, како и на значењето на сите настојувања во правецот на конструктивна регионална соработка.