Балкан

Во Косово моментално се истражуваат пет локации во потрага по телата на исчезнатите лица

- Претседателот на Владината комисија за исчезнати лица на Косово, Андин Хоти, изјави дека годинава биле идентификувани посмртните останки на 21 лице, од кои 19 припаѓаат на исчезнатите од албанската заедница и две од српската заедница

Zylfije Adem Jakupi  | 07.10.2021 - Обновена : 08.10.2021
Во Косово моментално се истражуваат пет локации во потрага по телата на исчезнатите лица Фото: Еркин Кечи - Агенција Анадолија

ПРИШТИНА

Претседателот на Владината комисија за исчезнати лица на Косово, Андин Хоти, изјави дека годинава биле идентификувани посмртните останки на 21 лице, од кои 19 припаѓаат на исчезнатите од албанската заедница и две од српската заедница, јавува Агенција Анадолија (АА).

Поднесувајќи извештај пред Парламентарна комисија за човекови права, родова еднаквост, исчезнати лица, жртви на воено сексуално насилство и петиции, Хоти рече дека според наредбата на Обвинителството се истражуваат пет локации на Косово во потрага по телата на исчезнатите лица.

„Постојат неколку истражни налози издадени од Косовското обвинителство. Почнавме да работиме на неколку локации во Косово. Како што реков и претходно, за да не ги вознемирувам семејствата, бидејќи и јас сум во таква ситуација, знам што значи кога ќе ја слушнам веста дека потенцијална масовна гробница се истражува некаде на Косово, не ги објавивме локациите на кои работиме“, рече Хоти, кој е син на познатиот косовски интелектуалец Укшин Хоти, изчезнат за време на војната во Косово.

Тој оцени дека коските на исчезнатите лица од Косово се пронајдени во Србија на пет локации, но дека постои сомневање дека има и други масовни гробници и дека е потребен притисок од Европската Унија и САД врз Србија за поефикасно разјаснување на судбината на исчезнатите лица.

Тој рече дека еден од главните предизвици во работата на Комисијата е недостигот на точни информации за можните гробници и затоа прашањето за пристап до државните архиви на Србија од периодот на војната на Косово се третираше во Брисел пред две недели.

Во текот на оваа година беа идентификувани 21 тело на исчезнати лица, од кои 19 од албанската и 2 од српската заедница, а она што е последно, беа идентификувани тела на 7 жртви од масакрот во Резал, пронајдени во масовна гробница во Кижевк кај Рашка, Србија, и се извршени две спојувања на делови од тела на лица пронајдени минатата година на друга локација на територијата на Србија.

Хоти додаде дека е дадена препорака за време на измената на Законот за исчезнати лица, на која работи Владата на Косово, законот да се преименува во Закон за насилно исчезнати лица и дека исчезнатите лица не треба да се третираат само како жртви, туку треба да добијат посебен статус.

На прашањето на претседателот на Собранието на Комисијата, Дуда Баље, колку Срби има меѓу исчезнатите лица на Косово и дали овие податоци се совпаѓаат со податоците на Србија, членот на Владината комисија, Куштрим Гара, рече дека според законот на Косово, исчезнатите лица не се делат по етничка основа, но дека според некои статистики, од вкупниот број на исчезнати лица во Косово, околу 20 отсто се Срби.

Тој, исто така, посочи дека сите лица регистрирани како исчезнати до декември 2000 година имаат статус на исчезнати лица. Тој, исто така, рече дека првата адреса за семејствата да пријават исчезнати лица по војната е Меѓународниот црвен крст, од кој Косово ги зеде податоците.

Во Косово, 22 години по војната, повеќе од 1.600 луѓе сѐ уште се водат како исчезнати.



На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.