Admir Fazlagic
25 Јануари 2020•Ажурирај: 25 Јануари 2020
СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Република Северна Македонија Стево Пендаровски изрази сочувство до семејствата на загинатите лица во земјотресот во Турција, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Изразувам длабоко сочувство до семејствата и блиските на загинатите лица во земјотресот во Турција. Солидарност со Турција и турскиот народ", напиша Пендаровски на неговиот официјален профил на социјалната мрежа Твитер.
- Спасовски: „Нашите мисли се со турските граѓани, подготвени сме да помогнеме"
Премиерот на техничката Влада на Република Северна Македонија, Оливер Спасовски изрази поддршка и солидарност со Турција и турскиот народ по земјотресот кој ја погоди оваа земја.
„Изразуваме силна поддршка и солидарност со Турција и турскиот народ. Сочувство до семејствата на загинатите во страшниот земјотрес. Нашите мисли вечерва се со турските граѓани. Подготвени сме да помогнеме", напиша Спасовски на неговиот официјален профил на социјалната мрежа Фејсбук.
Сочувство до семејствата на загинатите во земјотресот изрази и претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) Зоран Заев.
„Стигнуваат вознемирувачки вести од источна Турција како последица на силниот земјотрес кој се случил вечерва. Изразуваме сочувство до семејствата на жртвите и посакуваме колку што е можно помала штета. Нашите мисли вечерва се со турскиот народ.", напиша Заев на неговиот профил на социјалната мрежа Фејсбук.
Длабоко сочувство за Турција и турскиот народ изрази претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
„Изразувам длабоко сочувство за Турција и пријателскиот турски народ поради последиците од разорниот земјотрес. Сочувство до семејствата на загинатите. Во овие тешки моменти нашите срца и мисли се со вас и со семејствата на повредените од настанатата катастрофа. Посакувам што побргу да ги надминете штетите и убеден сум дека солидарноста и хуманоста ќе дојдат до израз“, истакна Мицкоски во објава на неговиот профил на социјалната мрежа Фејсбук.
- Пораки на сочувство од Албанија и Косово
Пораки на сочувство до семејствата на загинатите во земјотресот во Турција упатија и претседателот на Албанија Илир Мета, премиерот Еди Рама, вршителот на должноста министер за Европа и за надворешни работи на оваа земја Гент Цакај, како и претседателот на Косово Хашим Тачи и косовскиот вицепремиер Беџет Пацоли.
Министерот за внатрешни работи на Турција, Сулејман Сојлу, изјави дека по земјотресот кој го погоди градот Елазиг, на истокот на земјата, загинаа 22 лица, а 39 лица се спасени од под урнатините.
„Четири лица смртно настрадаа во Малатија, а 18 во Елазиг“, изјави Сојлу на прес-конференцијата.
Во градот Елазиг и понатаму трае акцијата за спасување од под урнатините на три згради.
Во акциите за спасување во регионот учествуваат вкупно 1.167 спасувачи и 235 возила.
Епицентарот на потресот со јачина од 6,8 степени по Рихтер регистиран е во местото Сивирџе, недалеку од градот Елазиг, во близина на границата со Сирија.
Земјотресот се почувствува и во околните градови Адана, Хатај, Османије и на подрачјето на северните делови на Сирија и Ирак.