Furkan Abdula
12 Декември 2022•Ажурирај: 13 Декември 2022
СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Северна Македонија, Стево Пендаровски, го прими на средба Глаук Коњуфца, претседателот на Парламентот на Косово, кој престојува во посета на земјата, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според соопштението на претседателскиот Кабинет, на средбата се разговарало за севкупните билатерални односи, со акцент на парламентарната соработка, при што двајцата соговорници изразиле задоволство од динамиката и соработката меѓу двете земји.
Во соопштението се нагласува дека Северна Македонија и Косово одржуваат позитивни и конструктивни односи, со отворен дијалог на сите нивоа и без отворени прашања.

„Соговорниците разговараа и за последните случувања во Косово при што претседателот Пендаровски повика на нормализирање на односите со што ќе се гарантира мирот, стабилноста, безбедноста и напредокот, како на нашите соседи, така и на целиот регион“, се вели во соопштението.
Во тој контекст, според соопштението, Пендаровски го реафирмирал ставот дека Северна Македонија го поддржува дијалогот меѓу Белград и Приштина за изнаоѓање сеопфатно решение, со посредство на Европската Унија (ЕУ) и Соединетите Американски Држави (САД).
Се вели дека на средбата биле разменети мислења и информации за состојбите во регионот при што се констатирало дека во контекст на новите геополитички предизвици предизвикани од војната во Украина, мирното решавање на отворените прашања на Западниот Балкан треба да биде апсолутен императив за сите.