Furkan Abdula
12 Октомври 2022•Ажурирај: 13 Октомври 2022
СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Северна Македонија, Стево Пендаровски, го прими шефот на Делегацијата на Европската унија во земјата, амбасадорот Дејвид Гир, кој му го предаде Извештајот на Европската комисија за напредокот на Северна Македонија во 2022 година, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според соопштението на претседателскиот Кабинет, на средбата Пендаровски истакна дека годинешниот извештај има особено значење, бидејќи е прв по почетокот на пристапните преговори со Европската унија и почетокот на скринингот.
Пендаровски оцени дека извештајот дава детална слика за состојбите во општеството, но претставува и патоказ за натамошната работа на институциите и областите во кои ќе треба да се посвети поголемо внимание.
„Пристапниот процес, според претседателот Пендаровски, налага сите капацитети да бидат насочени кон реализација на потребните реформи и во тој контекст посочи на потребата сите општествени чинители да го дадат својот придонес во овој процес“, се вели во соопштението.
Пендаровски порача дека отворањето на преговорите со Северна Македонија е добра можност Европската унија да ја демонстрира својата посветеност кон интеграцијата на земјите од Западен Балкан, како најдобар одговор на растечкиот евроскептицизам во регионот.