Bojan Bednar
13 Октомври 2022•Ажурирај: 14 Октомври 2022
БЕЛГРАД - Изложбата „Breaking free“, инспирирана од речиси три децении долгата борба, но и со силата на децата родени поради војната во Босна и Херцеговина (БиХ) и приказните за нивните мајки, вчера беше отворена во Белград, известува Агенција Анадолија (АА).
Ајна Јусиќ, коавторката на изложбата, истакна дека „Breaking free“ е излегување од анонимноста на децата родени поради војната во БиХ, момент да се каже „Доста е“ и да се прекине зоната на комфор во која живеат воените силувачи и воените злосторници.
Јусиќ рече дека тие деца задно со своите мајки живееле и живеат „во тишина и не се признаени во држава во која плаќаме данок“.

Укажувајќи дека „Breaking free“ е „крик“ кој од 2019 година посетил повеќе градови во БиХ, но и надвор од неа, Јусиќ информира дека дел од фотографиите ги прикажуваат децата кои се родени како последица на военото сексуално насилство во БиХ.
Останатите фотографии ги прикажуваат децата на припадниците на мировните мисии на Обединетите нации (ОН) и децата на хуманитарните работници кои биле ангажирани во БиХ и нивните мајки.
Јусиќ истакна дека припадниците на мировните мисии на ОН и хуманитарните работници дошле во БиХ за да постават одредена структура за мир и да помогнат, но дека некои од нив, иако тоа не смееле, низ доброволни и ненасилни врски, но и низ сексуално насилство, создавале потомства кои останале потполно непризнаени, со големи културолошки проблеми и идентитети кои не се јасни.
Таа додаде дека „Breaking free“ се обидува да понуди приказна за околу 20.000 до 50.000 силувани жени во војната во БиХ, со надеж дека ќе биде алката која ќе го гради колективниот мир и прифаќање.

„Нашите мајки го преживеаја военото силување и во тие моменти човечкото тело било користено како оружје против нив, а што се однесува до децата родени поради војната, не треба да заборавиме дека сето она што тие деца го преживееја, се случи по потпишувањето на Дејтонскиот мировен договор и она што нѐ врзува во однос на нашите мајки е дека и ние патиме поради човекот и дискриминацијата“, истакна Јусиќ.
Укажувајќи дека БиХ го направила дистриктот Брчко за прв регион во Европа кој законски ги призна децата родени од воените силувања, што е преседан во борбата за човекови права, Јусиќ додаде дека истото се прави и во Федерацијата БиХ, и ги повика властите на Република Српска „да имаат малку слух“ за таа тема „бидејќи ние никогаш нема да тврдиме дека воени злосторства извршувала само една етничка група“.

Идејната авторка и коавторка на изложбата, Мирна Омерчаушевиќ, истакна дека „Breaking free“ го следи концептот на дијалог на сите нивоа, дека е централна промена на создавање безбеден простор во кој децата го создаваат темелот на доверба со општеството од што израснала подготвеност на децата родени поради војната, заедно да се соочат со широката публика и со своите приказни да го мотивираат општеството на дијалог.
„Разбирањето на траумата во доба на мир е темел на воспоставувањето на регионалното разбирање на војната и унапредување на транзиционата правда“, посочи Омерчаушевиќ и нагласи дека за сите нас би бил пораз кога децата и младите би минувале низ она низ што минувале нивните родители.

Омерчаушевиќ истакна дека токму поради тоа децата родени поради војната продолжуваат да ги раскажуваат своите приказни и да укажуваат на тоа колку болка може да се создаде од човечката рака, што не мора да се случи доколку се гради општество кое ги уважува траумите на секој поединец.
Изложбата „Breaking free“ во Белград е дел од глобалната програма „Јакнење на гласот на жените погодени од воено-сексуално и родово засновано насилство на Западен Балкан - За култура на признавање и помирување“.
Изложбата е отворена до 22 октомври во белградскиот „Енџио хаб“, секој ден од 12 до 20 часот.