Abdulbesar Ademi
13 Октомври 2022•Ажурирај: 14 Октомври 2022
СКОПЈЕ (АА) - Шефот на делегацијата на Европската Унија (ЕУ) во Скопје, Дејвид Гир, по Извештајот на Европската комисија за напредокот на Северна Македонија во 2022 година, изјави дека Северна Македонија како земја преговарач за членство во Блокот во себе носи бројни можности и одговорности, и дека земјата има итна потреба да продолжи со реформите, пренесува Агенција Анадолија (АА).
На заедничката прес-конференција во Скопје со вицепремиерот на Северна Македонија задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ, амбасадорот Гир рече дека ситуацијата во Украина го променила геополитичкиот контекст и ја зголемила важноста на проширувањето за ЕУ.
Според него, овој извештај доаѓа во посебен контекст, бидејќи, како што рече, руската инвазија на Украина создаде нова геополитичка реалност, ставајќи ја политиката за проширување на ЕУ на врвот на агендата на Блокот.
Тој истакна дека се свесни оти сите земји во ЕУ и пошироко минуваат низ тешки времиња, бидејќи владите низ ЕУ и пошироко мораа да се справат со големите економски и социјални предизвици, само по очекувањата дека економиите на земјите во ЕУ ќе почнат да закрепнуваат од пандемијата на Ковид-19.
„Ние сме во изменета ситуација. Оваа земја [Северна Македонија] сега е преговарачка земја, ова со себе носи многу можности и одговорности, но тоа значи и дека има итност реформите да продолжат и потреба од поголема динамика за да се продолжи со нив. Затоа овој извештај има ново значење“, нагласи Гир, додавајќи дека овие реформи ја носат земјата во ЕУ и во исто време позитивно ќе ја трансформираат во однос на просперитетот, стабилноста и демократските принципи.
Во врска со скрининг процесот, кој веќе започна за Северна Македонија, шефот на ЕУ во Скопје рече дека овој процес треба да продолжи паралелно со реформите и во него да бидат вклучени сите, без исклучок на опозицијата, нагласувајќи дека „ова не е само работа на власта, туку на сите, власта, опозицијата, локалната власт, бизнис-заедницата и граѓаните“.
Од друга страна, вицепремиерот Маричиќ нагласи дека неговата земја добила позитивен извештај и дека Секретаријатот за европски прашања констатирал дека постои видлив напредок и одржливи реформи.
Маричиќ рече дека последниот извештај на Европската комисија го покажува признавањето на реформите во Северна Македонија. Тој додаде дека сега работата на неговата земја е да продолжи со реформите и да работи заедно за надминување на предизвиците.
Што се однесува до постигнатиот напредок, Маричиќ рече дека темпото на напредок е задржано или подобрено во 23 од вкупно 43 поглавја, додека во останатите 20 поглавја има помал или ограничен напредок. Во однос на подготвеноста на земјата за напредок, тој нагласи дека на околу 90 отсто од полињата земјата има делумна или добра подготвеност.
„Наше е да продолжиме со реформите, бидејќи недвосмислено сме свесни дека полноправното членство во ЕУ е во наш интерес. Мораме да работиме заедно за да ги надминеме слабостите и да се обединиме околу оваа национална задача“, рече Маричиќ.